Системски слабости во распоредувањето на предметите, или во популарно наречениот АКМИС систем, и отсуство на регулатива за распределба на парите наменети како додатоци на плата, открива извештајот на Државниот завод за ревизија во работењето на Врховниот суд.

Ревизијата е правена во време кога на чело на Судот се наоѓал Јово Вангеловски.

Ревизорите нашле дека не бил донесен нов Деловник за работа, ниту Програма за работа на Судот, дека не било формирано работно тело за управување со движењето со предметите, што може да влијае на ефикасноста во нивнотот решавање, и на информираноста на одговорното лице за преземање на мерки за унапредување на работата на судот.

Врховниот судот немал правилник за начинот на функционирање на информатичкиот систем АКМИС, кој се применува во сите судови, инаку битен, зашто преку него автоматизирано предметите се распределеуваат на судиите.

Во однос на додатоците на платата, ревизорите утврдиле дека во поединечните месечни решенија за исплата на плата, не се дава образложение за исполнетоста на условите за утврдување на правото на такви додатоци, ниту пак во однос на висината на паричниот додаток.

Во извештајот натаму се вели дека зградата на Судот не била осигурана, ниту предметите во неа, а утврдена била и потребата за вработување на припадници на судска полиција.

Ревизорите утврдиле дека различно е уредено правото на вработените на вреднувањето на минатиот труд, но и дека треба да се преиспитаат законските решенија во однос на додатоците на плата за судиите и вработените во судската служба, додека, пак, отсуствуваат одредби за утврдување на платите на вработените, кои вршат технички и помошни работи.

Во однос на ефикасноста на работењето на Судот, било утврдено дека 63 отсто од примените предмети биле решени.