Поранешниот пратеник од Алтернатива, а сега независен, Скендер Реџепи Зејд ќе формира политичка партија. Во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека тоа доаѓа како резултат на незадоволството во Алтернатива каде не дале можност за промена во партијата, како и дека не се гледа себеси како дел од некоја друга партија која во моментов е активна

-Сме виделе и во отчетот и средбите со граѓаните, дека имаме поддршка од граѓаните за политичкиот пат кој го градам. Бидејќи не се гледам себеси кај ниту еден политички субјект, бидејќи верував дека во Алтернатива треба да работам, бидејќи моето излегување потврди дека промената мора да се направи, но кога видов дека тоа не може да се случи, така да веројатно ќе почнам ново политичко патување заедно со структурите кои ги имаме. Ќе им подадам рака за соработка на тие кои излегоа од ААА, заедно да почнеме ново политичко патување, вели Реџепи за ТВ 21.

Скендер Реџепи Зејд ја напушти Алтернатива во јуни лани од кога делува како независен во Собранието. Тој е третиот пратеник од албанскиот политички блок што реши да формира нова партија. На 12 август, поранешниот заменик-претседател на Беса, Аријанит Хоџа ја формираше Европската демократска партија, а ден подоцна Изет Меџити, кој беше дел од огнената група во ДУИ, ја промовираше партијата Демократско движење.