Уставните измени за Договорот од Преспа што беа изгласани  во петокот во Собранието се веќе објавени во Службен весник на РМ, со што тие стапуваат на сила.

Сега се очекува македонското Министерство за надворешни работи да испрати нота до грчкото МНР за да ги известат дека е завршен процесот.

Веднаш после тоа тие влегуваат во нивниот процес за ратификација на Договорот, а веднашп после тоа и за ратификација на протоколот за членство во НАТО. Со тоа стапува во сила Договорот од Преспа. Следува нашата обврска да пуштиме писмо до сите земји во светот за одлуката што ја донесе македонскиот Парламент, тоа е дел од обврската од Договорот и тоа ќе го направиме, рече премиерот Зоран Заев ден по изгласувањето на промената на Уставот.

Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата, амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.

По прогласувањето на уставните амандмани, со 81 глас „за“ беше усвоен и Уставниот закон со кој се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.