Поранешниот премиер Никола Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на било кој граничен премин. Сослушани се и сведоци, но за да не наштетам на предистражната постапка други детали не можам да откривам, вели во интервјуто за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Обвинителството презема повеќе дејствија за обезбедување докази, како што веќе соопштивме. Побарани се докази по меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер, истакнува Јовески.

 

Обвинителството, како што додава, ја анализира содржината на прибавените докази, а истовремено очекува да се добијат и доказите од Албанија.

При тоа Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично-правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност, посочува државниот јавен обвинител во интервјуто за МИА.

Во врска со амнестијата за учесниците во настаните на 27 април во Собранието, Јовески вели дека тоа е политички чин и не го коментира.

Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот, истакнува државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре.