Поранешниот премиер Никола Груевски излезе со реакција по денешното рочиште во случајот „Плацеви на Водно“ во кој и тој е еден од обвинетите. На денешното рочиште, еден од сведоците, Мето Стојчевски, кој е зет за сестра на Орце Камчев, кој исто така е обвинет тврдеше дека Груевски имал три стана во комплексот „Панорама“.
Груевски во објавата на Фејсбук посочува дека тој нема против Камчев не станови во вредност од 1,3 милиони евра, туку и 5 милиони евра да им даде, ако сака и болницата и банката нека им ги даде за да си ја купи слободата, но да не го меша мене таму каде знае дека немал ништо и да не им ги потврдува лажните конструкции со кои власта која врши политички прогон против него по секоја цена сака да го прогласи виновен, за нешто со што вели дека никаква допирна точка.
Тоа е мојот краток коментар од денешното судење.Оние кои ги интересира суштината и содржината на оваа конструкција низ призмата на денешните искази и сведочења во судот може да прочитаат подолу.
Груевски тврди дека веќе се наѕира конструкцијата која Јордан (Орце) Камчев и обвинителката Лиле Стефанова во последните 2-3 недели ја направиле со следните цели.
Целата објава на Груевски прочитајте ја во продолжение.
1.Обвинетиот бизнисмен Јордан Камчев без никаков основ и доказ набедувајќи ме мене да помине со блага казна но без ново одење во затвор по овој предмет; Слично да помине и неговата мајка Ратка Камчева, неговиот вработен извесен – Нено Јосифовиќ, како и Ристо Новачевски, според зборовите на Камчев дадени во обвинителството – негов долгогодишен пријател и бизнис партнер кој според Камчев со години секојдневно одел во неговата болница и им продавал лекови како трговец со лекови. (Ристо Новачевски беше мој венчален кум во мојот прв брак од 2001 до 2005 година, но очигледно дека потоа одкако заради мојата презафатеност се оддалечивме, се продлабочило неговото пријателство и бизнис релации со Јордан Камчев).
2.На Орце Камчев да му биде помогнато во друг предмет каде позициите му се лоши и каде Камчев треба да биде извлечен.
3.Со обзир дека веќе преку меѓународно вештачење видоа дека од моја страна, или од страна на мој близок, или од било кој од Македонија, ниту влегле пари во фирмата купувач на земјиштето, односно која ги префрлила парите за купување на земјиште на нејзината фирма-ќерка во Макеоднија, ниту пак излегле односно ниту сум примил пари (за наводно продавање на земјиште), во последен момент смислија нова монструозна конструкција во која Орце Камчев се согласил да жртвува негов имот од зграда која тој ја градел, вреден отприлика колку цената на земјиштето, односно износ околу 1,3 милиони евра за кое без никаков основ ме теретат дека било мое и дека Камчев го купил само затоа што Ристо Новачевски му кажал дека било мое.
Ова со цел, освен што би ме осудиле, власта да може да каже дека “бројчаникот почнал да врти” а тие почнале да ги враќаат “парите на граѓаните” кои всушност се пари на Орце Камчев со кои пари сака да се извлечи од овој прогон, односно да ја купи својата слобода (ако се само тие пари со кои ќе си купува слобода од прогонот).
4.Обвинителката Лиле Стефанова овој предмет кој и е веќе загубен, бидејќи нема никакви докази, да се обиде да го спасува во своја корист и да се смета дека победила во предметот па да добие нови поени и награди кај власта. Мене да ме прогласат за виновен, да ми дадат затворска казна и да прогласат дека ми заплениле имот кој всушност е имот на Орце Камчев на име на неговиот зет од сестра – Мето Стојчевски.
Имено, зетот на Орце имал во сопственост некоја неактивна фирма на која имал три стана во објект сопственост на Камчев a кој тој го градел но со друга активна фирма.
Одеднаш, бидејќи им треба таа алка во приказната, Орце а подоцна и зетот велат дека тие станови ги чувале за мене како компензација за земјиштето на Водно кое го купил и подоцна го продал Орце Камчев.
Ми чувале станови? Како тоа јас толку години да незнам дека некој ми чува станови? И ако веќе требало да ми дадат пари, зошто не пари, туку станови и тоа на име на зетот на тој кој наводно ми должел. И како јас би ги превземал тие станови од него кога тоа законски е невозможно а особено не за политички експонирано лице. Како би станале тие мои дури и ако отидев на портирницата да си ги земам клучовите. Јас можело да ги земам клучовите но не и имотот и тоа е многу малоумно смислена конструкција. Јас би можел да го добијам тиј имот само ако го платам, а ако го платам, тогаш за што сум добил во нивниот матен филм?
Па вака може секој да каже за нешто што го поседува дека ми го чува и да ме осудат за прикривање имот и перење пари. Може некој кој ги има да каже дека ми чува 1000 овци, 2 коња, три возила и две куќи, а неговиот шура да каже дека тој се договорил со некој мој поранешен кум или другар. Каква е оваа лакрдија?
Ова личи на шала, а не на сериозен судски предмет.
За воља на вистината зетот на Орце Камчев – МЕТО Стојчески, ДЕНЕС КАЖАЛ ВО СУДОТ дека се познаваме, дека сме се сретнале повеќе пати но ДЕКА НИКОГАШ НЕ СУМ МУ ПОБАРАЛ СТАНОВИ, НИТУ БИЛО ШТО СМЕ ЗБОРУВАЛЕ ЗА ТОА.
Да, со Мето – зетот на Орце се имам сретнато барем 5-6 пати, дури и на само каде можел да го отвори тоа прашање, сме се сретнале и во приватни прилики, и ако навистина чувал станови за мене, нели логично е да ми кажал нешто околу тоа или да прашал нешто. Не рекол ништо, бидејќи Мето незнаел дека по 5 години ќе треба да го спасува шурата со вакви лаги.
Каков апсурд!
Какви глупости!
Каква неправда!
Зетот на Камчев го посочил Сашо Мијалков дека токму тој му рекол дека тие станови биле за мене, а Сашо Мијалков во судницата денес посочи дека никогаш и за никого, вклучително ни за мене не посредувал или правел активности со кои ќе прикрива туѓ, односно во овој случај мој имот.
Оваа мега лага мислам дека ги надминува капацитетите на Лиле Стефанова, а впрочем ако овој финиш на овој судски предмет беше смислен од неа, ќе тргнеа со истото од самиот почеток. После се ова се чини дека ова мора да е смислено и понудено во последните недели од самиот Орце Камчев кој вовлекувајќи го и неговиот зет, презентирал на обвинителката понуда која неможе да ја одбие и таа ја прифатила:
1. Таа да излезе како победник со пресуда во нејзина корист,
2.Обвинителката да се пофали со одземање на наводен мој скриен имот, и политички да му сервира на СДСМ приказна дека ме осудиле за наводен криминал и ми заплениле наводен имот
3.Орце да не оди во затвор а за тоа да жртвува три стана и нормално да го жртвува својот углед како и угледот на сите кои застанаа во негова одбрана и кои сите тие и цела јавност до пред пет дена ги убедуваше дека е невин и дека е жртва на политички прогон, кој што углед очигледно не му е важен, бидејќи да му беше важен угледот немаше да влегува во вакви срамни конструкции.
Што друго да кажам освен да ги прашам што планираат со вистината?
Таа ќе излезе на виделина, порано или подоцна? Како ќе живеат со ова?
За сето ова да заврши како што наумиле им треба и судија кој ќе го погази правото и од рекла-казала изјави на обвинети и по некој уценет сведок или роднина на обвинет, без никакво движење на пари или друг имот на мое име или на кој близок, без елементарен доказ од каде таквите пари биле прибавени, без доказ како и на кој начин се уплатени во фирмата која го купила земјиштето и доказ дека тие станови навистина биле мои односно наменети за мене, ќе ги “затвори очите” и ќе потпише пресуда.
Во нормална држава во Европа тоа неможе да се случи. Во Македонија веројатно може. Да видиме дали овој судија ќе дозволи да влезе во оваа група на судии кои заради некое унапредување во повисок суд или друга награда, или заради политичко влијание, или можеби притисок и закана, или се заедно, ќе го стави својот углед и чест во залог и засекогаш ќе остане со една голема флека во своето работење.
Интересно е што во судот свои изјави дадоа голем број сведоци на одбраната, кои медиумите или не ги споменаа, или мал дел од нив нафрлија по една до две реченици од целиот нивен исказ колку да се каже дека нешто напишале, додека уценетите сведоци од обвинителството добија големо внимание и простор. Но, за тоа во некоја друга прилика.
Comments are closed for this post.