Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби упати писмо до колегите од Европската унија во кое апелира да и се даде поддршка на земјата за нејзиниот европски сон со потврдување на препораката за добивање датум за почеток на преговорите во јуни.

Датумот за нас, ни ја отвара вратата од училницата, каде што ќе треба постојано да учиме и да ги положиме 35-те испити за на крај да дипломираме. Вие пријателски нѐ охрабрувавте да покажеме лидерство и да ги решиме сите наши прашања, како што и впрочем направивме, а сега, исто така, ние пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа“, вели Груби во писмото.

Додава дека определбата на државата за ЕУ членство е недвосмислена, надпартиска и потврдена и од овој состав на Собранието, со едногласно донесување на Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување во Европската унија, од страна на сите политички партии.

Со ратификацијата на Преспанскиот договор во нашиот и во Грчкиот парламент, прашањето за употребата на уставното име на земјата, за среќа, успешно се затвори. Двете земји направија навистина сизифовски напори за надминување на овој билатерален спор. Истовремено, го потпишавме и Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, со што ги потврдивме нашите заложби за негување на добрососедските односи со сите наши соседи, што е предуслов за просперитет и развој. Покрај тоа,земјата посветено работеше на реформските задачи во: судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, а кои ни беа посочени на ланскиот Советот на ЕУ, како клучни за добивање на датум“, истакнува Груби, додавајќи дека како прилог кон писмото е доставена и листата на реформски закони донесени од страна на Собранието.

Во писмото, Груби потсетува дека земјата добила кандидатски статус во 2005 година, а во 2009 година Европската унија дала препорака за почеток на преговорите.