Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, денеска ќе престојува во еднодневна официјална посета на Република Македонија. За време на престојот и средбите со највисоките државни раководители, според соопштението на нашето МНР, Дендијас ќе разговара за повеќе билатерални, регионални и глобални, пред се, кризни теми.

Но, вниманието го привлекува најавата дека ќе се разговара и за до сега спроведените активности согласно Договорот од Преспа, како од страна на Македонија, така и од страна на Грција. Што ќе рече дека Дендијас доаѓа во Македонија, меѓу другото, и за да провери до каде сме со исполнувањето на обврските преземени со, уште на стартот именуван и оценет како асиметричен договор.

Објективно, Македонија во изминатите три години исполни речиси се, што беше предвидено со Договорот од Преспа, па дури во некои сегменти, може слободно да се каже, и избрзува, трчајќи како „прле пред магаре“. Го смени името на државата, го смени Уставот, ги смени називите на државните институции, сега спротивно на највисокиот државен акт почна да ги менува личните карти, возачките дозволи, сообраќајните таблици на возилата, од изводите на матичните книги на родените ги отстрани Македонците, наспроти тврдењата за забетониран идентитет, на спомениците постави колку видливи, толку и невидливи плочи за нивното потекло од антиката, го смени името на улицата на која се наоѓа македонското МНР, за добредојде го постави и новиот назив на Археолошкиот музеј, го избруса Сонцето од Кутлеш од шахтите…

Ама, не на сите. Потврдено. А, и тоа од клупите во паркот Жена борец. Па и од црквата во Радовиш. Затоа на г-динот Дендијас му препорачуваме при прошетката низ Скопје да обрне посебно внимание на тоа и да ги проверува шахта по шахта, клупа по клупа. А, ако сака и куќа по куќа, стан по стан за да види до каде е со елиминирањето на знамињата со Сонцето од Кутлеш, зашто и тоа беше предвидено со Договорот. И што е суштествено, притоа ќе може да добие вистинска слика дали и колку новото име на државата и идентитетскиот инженеринг фатиле корен меѓу народот во изминатите три години. Додуша, има и уште една „ситица„ со називите на МАНУ и ФФМ, ама кај и да е власта и тоа ќе го среди, кроце, кроце и со „малку политичка сила“.

Ова колку на шега, толку и сериозно. Зашто, договор е договор, стратешко партнерство си е стратешко партнерство. А, тоа што нашата власт избрзува со почитувањето на „техничкиот“ и „политичкиот“ преоден период, кои се поврзани со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, е сосема друга работа.

Професорката Наташа Котлар во интервју за „Република“ истакна дека е крајно недолично Грција да проверува до каде е спроведувањето на Договорот од Преспа и дооаѓањето на нивнитот шеф на дипломатијата во Скопје.

Странскиот ракопис на Договорот од Преспа никогаш не водел грижа за македонските специфики.Најлошото го гледам во употребата на македонскиот атрибут. Затоа крајно недолично е доаѓањето на грчкиот минитер небаре ние сме малите ученици па сега дошол инспекторот да види. Каков-таков што е тој договор предвидува обврски за другата страна.А кој ќе ја контролира другата страна. Од другата страна на границата се уште стои „Скопиа“ и друг недолични коментари.

А, што од Договорот до сега имплементира Грција од оние обврски, што на прсти од една рака се бројат? Ги смени сообраќајните знаци со името на нашата држава, го отвори граничниот премин Маркова нога, ја притисна Бугарија за почеток на преговорите за членство во ЕУ, ги смири национализмот и шовинизмот кон Македонија и Македонците…? Не. За грчката власт и опозиција поактуелно и од суштинско значење е дали на северната граница ќе ја имале Турција!!!

И кој требаше да оди да проверува до каде е реализацијата на преземените обврски од Договорот од Преспа-Дендијас во Скопје или Бујар Османи во Атина?

Како стратешки партнери, сега треба Грција уште да овозможи масовно преминување на границата од претстојниот бран авганистански бегалци.