Службите на општината Чаир утврдиле дека градежните работи при кои загинаа двајца браќа во одрон на земја биле незаконски, односно дека фирмата што ги спроведувала градежните работи немала дозвола за такво нешто. Покрај работата, нелегализиран бил и објектот, односно местото, на кое се работело.

Како што соопштија од општината, според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, почнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот неработен ден, сабота.

Несреќата се случи на улица „Кемал Сејфула“ во Чаир. За време на отворањето на каналот при длабочина од два метри земјата затрупа две лица на возраст од 26 и 28 години, додека 54-годишен работник е полесно повреден.

Полицијата соопшти дека настанот се случил околу 11 часот при вршење на ископ на земјиште со багер за водоводна мрежа, при што дошло до лизгање на земјиштето и притоа во каналот од лизгањето затрупани се три лица кои работеле на ископот. Две од затрупаните лица на возраст од 26 и 28 години починале на лице место, додека третото лице (54 години) со возило на Итната медицинска помош е пренесено во ГОБ „Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.

На местото на настанот испратени се екипи од итната медицинска помош и екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Известени се јавното обвинителство и трудов инспектор.