Уставниот суд денеска расправаше за одлуката на Собранието за уставни измени донесена од страна на Собранието на 19 октомври. Имаше бурна расправа меѓу судиите дали треба да се прифатат двете иницијативи поднесени од страна на Светскиот македонски конгрес и од адвокат Томе Тодоровски од Свети Николе. Судиите Јован Јосифовски и Елена Гошева сметаат дека отворањето на Уставот е важно прашање кое заслужува внимание и дека судот треба да ги земе во предвид двете иницијативи.

Според Гошева, судот расправал и за далеку понебитни прашања, како тоа дали некои работници се отпуштени од работа по промена на власт и дека ова заслужува внимание.

Во однос на Собранието, исто како и за прашањето на референдумот не е наведено дека ќе се промени името на државата. Од каде му е на Собранието надлежноста да го промени името на државата – праша Гошева.

Јосифовски смета дека е спорен и делот каде за отворање на уставни измени се гласаше со 80 пратеници, повикувајќи се на одлуки на претседателите на Собранието, Стојан Андов и Тито Петровски, кога за двотретинско мнозинство барале 81 пратеник.

Не може судот да бега и да вели дека не е попис. Сметам дека треба да се утврди начинот на кој е донесена одлуката  и дали е донесена со потребното мнозинство – нагласи Јосифовски.

Судиите исто така не прифатија за ова прашање да има јавна расправа и подготвителна седница, а подоцна ќе излезат со конечната одлука дали иницијативата е прифатена или отфрлена.