По повод 117-годишнината од убиството на македонскиот револуционер, икона на македонскиот народ и еден од столбовите на македонската државност, Гоце Делчев, Лидер.мк во три продолженија објавува дел од научниот труд на младиот историчар Никола Минов. Трудот е насловен како „Убиството на Гоце Делчев во странскиот печат од мај-јуни 1903 година“ и е објавен во списанието „Историја“ на Здружението на историчари на Република Македонија.

Извадоците се без никаква интервенција и во светлината на најновите случувања на релација меѓу официјално Скопје и официјална Софија, како насока на размислување од аспект на тврдењата на проф. Денко Малески, кои предизвикаа бура реакции во јавноста.

Во трудот младиот Минов користи текстови од „The Times“, „Evening Post“, „Der Deutsche Correspondent“, амстердамски „De Tijd“, швајцарскиот „La Liberte“, американски „The Spokane Press“.

Во денешното продолжение ги пренесуваме кратките извештаи на тогашните изданија на  новозеландскиот „Evening Post“, германски „Der Deutsche Correspondent“ и  американски „The Spokane Press“.

Убиен револуционерен водач

Константинопол, 26 мај…Делчев, творецот на Македонската револуционерна организација, беше убиен во престрелка кај Баница. Се смета дека неговата смрт веројатно ќе го парализира револуционерното движење. Минатата година дојде до поделба во македонскиот комитет. Членовите на стариот комитет, под водство на г-н Сарафов, беа обвинети дека попрво работат за бугарска експанзија, отколку за независноста на Македонија. Беше формиран нов комитет, кој искрено ја прокламираше македонската независност како своја цел. Г-н Делчев беше лидер на оваа група.

Македонските масакри

Берлин, 27 мај – „Франкфуртер Цајтунг“ објавува депеша од својот македонски кореспондент, во која се истакнува дека за време на крвопролевањето извршено од турските трупи на 10 мај во селото Баница, во близина на Серес, сите жители на селото, со исклучок на петнаесет души, биле заклани без разлика на возраста и полот. Во Баница живееја илјада и петстотини семејства.

Веста дека масакрот бил последица на присуството на македонскиот востанички лидер Делчев во Баница, се чини дека е потврдена. Турските трупи биле испратени да го убијат страшниот Делчев, или да го фатат жив. Меѓутоа, задачата воопшто не била лесна, бидејќи Македонците се собрале околу својот водач и им приредиле топол пречек на Турците кога овие упаднале во селото. Дури после една долга и очајничка борба, малкуте борбени Македонци потклекнале пред бројната надмоќ на веројатно тројно супериорните турски непријатели. Отпорот на кој што наишле Турците при продорот во селото, дотолку ги вознемирил и налутил, што почнале да ги масакрираат жителите и на крајот ги запалиле сите куќи.

 

Американски „The Spokane Press“ прво ја објавува кратката вест за убиството на Делчев.
Константинопол, 10 мај

Изјавата дека генералот Делчев, еден од главните македонски водачи, бил убиен во борба со Турците кај Лерин, беше официјално потврдена.

А осум дена подоцна излегува со нов текст.

Убиен познат македонски водач

Константинопол, 18 мај – Во депеша добиена денес се вели дека Делчев, шеф на Македонцитеи познат водач, бил пронајден мртов во близина на Хорос. Тој со себе носел целосен план на македонските железници и 10,000 франци.

Со оган и меч, турските трупи збришаа македонски град

Четиристотини и педесет лица умреа на ужасен начин во Баница

Софија, 24 мај – Турските трупи се нафрлија на селото Баницаисонајужасен бес го збришаа заедно со речиси сите негови жители. Војниците ги убиваа сите, вклучително жените и децата, со најголема бруталност. Офицери и војници користеа мечеви и бајонети и ги фрлаа телата на мртовците назад во куќите кои потоа беа запалени. Бројката на убиени се проценува на 450, а од малото село не остана ништо освен урнатини.

Во контекст на последната вест, дел од американските медиуми објавуваат цифра од 1.500 убиени семејства во Баница, а како причина за нивната смрт се наведува присуството на Делчев во селото.