Годината 1994 и тогашните претседателски избори ќе останат запаметени по рекордно освоените гласови на тогашниот претседателски кандидат на СДСМ, Киро Глигорв. Во трката со конкурентот од ВМРО-ДПМНЕ, Љубиша Георгиевски, Глигоров освои 715.087 гласови, додека Георгиевски 179.109.

Се чини дека тој освоен број гласови веќе е невозможно некој да го надмине, а тоа го покажуваат сите наредни изборни циклуси.

Така во изборната трка во 1999 година Борис Трајковски (ВМРО-ДПМНЕ) освои 582.808, а противкандидатот од СДСМ, Тито Петковски исто така освоил над пола милион гласови – 550.317.

По изборите во 2004 година шеф на држава повторно станува кандидат на СДСМ – поранешниот премиер Бранко Црвенковски го победи конкурентот од ВМРО-ДПМНЕ, кардиологот Сашко Кедев – 550.317 наспроти 309.132.

Ѓорге Иванов освојувајќи ја претседателската трка во 2009 година повторно функцијата шеф на држава и врховен командант ја враќа кај ВМРО-ДПМНЕ, но и апсолутна влас власт во тој период. Професорот Ѓорге Иванов освои 453.616, додека неговиот колега од Правниот факултет, кандидатот на СДСМ, Љубомир Данаилов Фрчкоски освои 264.827.

Иванов врза два мандата, но и повторно ја врати бројката на освоени гласови од над пола милион – во 2014 освои 534.910, а конкурентот од СДСМ, Стево Пендаровски 398.077.

Но, Пендаровски ќе успее да стане претседател на државата на последните избори во 2019. Својата победа ја завери со 436.212 освоени гласови, додека конкурентката, професорката Гордана Сиљановска Дафкова освои  377.713.