Во првите три месеци од мојот мандат ќе ја посетам Белата куќа, Брисел, Лондон и ќе ја кажам вистината за Македонија, рече Влатко Ѓорчев пред делагатите на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата во Струга каде што се избира кандидат за претседател на опозициската партија.

„Од понеделник тргнуваме заедно сложени. Нема место каде нема да појдеме. Втора работа, кандидат за премиер на ВМРО-ДПМНЕ е нашиот лидер Христијан Мицкоски, партијата е обединета сплотена и сложна“, рече Ѓорчев.

Една од работите за кои тој зборуваше беше промената на името.

„Кога ќе дојде време да ги вадат таблите, а веќе ги вадат, ако треба нека ни ги дадат нам ќе ги чуваме и по подруми и по тавани, ќе дојде време кога повторно ќе ни требаат. Тоа е нашиот аманет, Република Македонија. Мојата програма ќе биде истата онаа која сме ја гласале на конгреси, пред централни комитети, пред граѓаните“, рече Ѓорчев.

Ѓорчев зборуваше и за ризикот од полнење на кутии, потенцирајќи дека тоа е најважниот проблем за претседателските избори.

„Лично сум бил десет пати набљудувач на кутии на разни избирачки места, повторно ќе го направиме тоа, ќе го покриеме теренот. Оние кои мислат да полнат кутии ќе им биде порачано од многу сериозни места да не помислат на тоа. Затоа што ризикуваат црни листи. Нека го знаат тоа. И ние не сме без адути“, рече актуелниот пратеник и конкурент на огласот на ВМРО-ДПМНЕ.