Реформите треба да се спроведат не само за да и се удоволи на ЕУ или за да се донесе ЕУ тука, дома, туку и за да се донесе Македонија во ЕУ. Усвојувањето на законодавството согласно европските стандарди мора да продолжи, административниот капацитет мора да испорачува, а институциите мора да се оперативни. Владеењето на правото, пак, е почетокот и крајот на процесот на пристапување и ќе остане наш фокус низ целиот процес, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

Според Гир, процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде национален проект, а не проект на една политичка партија или коалиција. Реформите се во интерес на граѓаните, како и поттик за просперитетот на институциите, на демократијата. Целта е заемна, во интерес на сите.

Усвојувањето на законодавството согласно ЕУ стандардите мора да продолжи. Тоа е нешто на што сите треба да се фокусираме, административниот капацитет мора да испорачува, а институциите да се оперативни. Унапредувањето на правото е критична област. Ефективно владеење на правото е неопходно не само за да се обезбеди заштита на граѓаните, туку и за да дојдат инвеститори. Ако тие знаат дека постои правна сигурност и дека можат да се потпрат на системот, ќе се охрабрат и ќе дојдат, ќе ги реализираат вложувањата, рече Гир, одговорајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, откако претходно го презентира Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.

Во Извештајот се наведува дека Македонија постигна добар напредок во однос на борбата против корупцијата и во оваа област има одредено ниво на подготвеност. Корупцијата, сепак, е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Земјата воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси. Во однос на борбата против организираниот криминал, законската рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.

Попладнево, во Брисел, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се обрати пред европратениците, откако беа објавени извештаите за реформскиот напредок на земјите од западен Балкан. Тој истакна дека Македонија одржала стабилен напредок во делот на реформите, посебно владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Вархеји се надева на прва меѓувладина конференција до крајот на годинава.

Дискусиите се во тек во Советот за предлог преговарачката рамка и се надевам дека меѓувладините конференции ќе се одржат под сегашното претседателство, доколку бидат усвоени, рече Вархеји.