Откако Зоран Заев, лидерот на СДСМ, и генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски, изјавија дека не знаат кои се Кики и Фрики, а Кирацовски дури обвини и дека Бранко Героски пишува секакви глупости, се јави новинарот. Тој во својата колумна за Плус инфо наведува кои би можеле да бидат Кики и Фрики.

-Фрики и Кики се вистински ликови, високо позиционирани во СДСМ и во власта. Тие се блиски до ликот кого јас го именував како Коки и за чии рекетарски подвизи пишував со езоповски јазик, во неколку продолженија. Како се блиски? Еве вака, друже Заев.

Фрики е госпоѓа, висок функционер и во невладината организација на Коки, која служела за формално покривање на милионскиот рекет. Самиот тој факт ја прави госпоѓата објективно одговорна за овие злодела“, пишува Героски.

Понатму, во порака наменета и до СДСМ, тој објаснува дека „Кики беше висок функционер во СДСМ. Самиот Коки, во последното интервју на својот медиум, го нарекол „добар пријател“ или „другар“.

Героски им дава совет на овие ликови од драмата која оди кон расплет, што би требало да напрваат во наредните 48 часа.

„Прво, би му се јавил на Заев и би му го кажал следново:

– Шефе, свесен (свесна) сум дека со мојата блискост и со контактите со Коки, како и со тоа што го препорачував кај други луѓе, му овозможив да ги засили своите рекетарски позиции. Така се искомпромитирав себеси, но и тебе, шефе, како и нашата партија. Во духот на декларацијата што ја донесовме пред некој ден, прифаќам политичка одговорност за својата непромисленост. Поднесувам оставка на сите функции.

Второ, би му се јавил на надлежниот обвинител и би му го кажал следново:

– Обвинителе, јас имав блиски контакти со лицето Коки и ви стојам на располагање за сите потребни информации во врска со милионскиот рекет. Моја граѓанска должност е да соработувам со истрагата, дури и во случај да бидам осомничен (осомничена).

Госпоѓо Фрики и другар Кики, јас најдругарски ви предлагам ова да го сторите без одлагање, во следните 48 часа. Тоа му го должите на Заев, но и на СДСМ, а пред сė на граѓаните на оваа земја. Ако размислите добро, ќе сфатите дека тоа си го должите и себеси“.