Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека тој ги објавил сите материјали кои ги имал, мислејќи на таканаречената аудио бомба со која наводно се открива кои се виновниците за убиството на Мартин Нешковски.

Тој аудио материјал е даден на вештачење од ТВ мрежата Ал Џезира, во една германска тонска лабораторија која потврдила дека тој аудио материјал е автентичен.

Со тоа требаше алибото на ВМРО-ДПМНЕ, пред се на премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, „сечено, лепено“ да падне во вода.

Пресинг ТВ пред неколку дена се обрати до лабораторијата за звук во Германија, Тонамбуланц, која за потребите на Ал Џазира, вршеше анализа, со прашање – дали Тонамбуланц може да потврди за автентичноста на тој аудио материјал, кога сега се појави нов од истиот разговор, од истите соговорници, но кој трае речиси 10 минути подолго од тој што бил предмет на експертската анализа?

Истиот експерт, Фабијан Шерер, кој говори за Ал Џезира и со речиси со стопроцентна сигурност потврди дека станува збор за автентичен аудио запис, значи немонтиран, за Пресинг ТВ изјави:

Ние добивме од Ал Џезира само кратко парче аудио, мислам од околу 3 минути. Проверуваме невообичаени резови, разлики во позадинските шумови и такви нешта. Немаше цврсти докази дека тоа аудио парче било монтирано.

Секако, секогаш постои начин да се фалсификуваат такви нешта на начин кој ние не можеме да го фатиме. Но, во овој случај, ние бевме речиси сигурни дека тоа парче е автентично“, вели Фабијан Шерер во писмениот одговор до Пресинг ТВ.

Новата аудио снимка подолга за околу 10 минути беше неодамна објавена во дел од медиумите и на социјалните мрежи.

Ние го прашавме Шерер и како дошло до тоа една медиумска куќа да им испрати материјал за лабораториска експертска анализа, и колку чини една таква услуга, но на тоа не добивме одговор.