Министерот за здравство Венко Филипче претпладнево одржа состанок со директорите на сите клиники од клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој беше разгледана моменталната епидемиолошка состојба во однос на бројот на позитивни и болни пациенти, пациенти кои побарале и имале потреба од хоспитализација, наспроти бројот на слободни места и капацитетите на клиниките, како и можноста за отварање нови ковид центри доколку за тоа има потреба, соопшти Министерството за здравство.

Во моментов освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница во нејзин склоп и Институтот за белодробни заболувања ТБЦ, работат и четири ковид центри на интерните клиники и тоа на клиниките за дерматовенерологија, неврологија, нефрологија и за гастроентерохепатологија. Деновиве се работи на средување на доводот на гасови на Клиниката за уво, нос и грло и на Клиниката за очни болести, кои до крај на неделата се планира да почнат да примаат пациенти, рече министерот Филипче.