Фирмата увозник на вакцините со погрешна декларација, „Македонија лек“ ќе биде парично казнета, а казна ќе има и за вработените во вакциналните пунктови каде што беа пронајдени ваквите вакцини, најави министерот за здравство, Венко Филипче, по извршената анализа за скандалот со откриените 650 кутии МРП вакцини.

Како што истакна министерот, извештајот е готов и ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонија лек“.

Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип прекршок, кој сериозно го урива угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори. Ова ќе биде укажување за сите, како внимателно да ги следат овие внатрешни процеси. Ќе се повикаат на одговорност и сите директори на здравствените домови и тие коишто се задолжени за прием на вакцината, а не укажале на овој пропуст и зошто не се детектирала разлика меѓу вистинскиот рок, кој е добар, и тој на погрешната декларација, со цел Министерството за здравство да преземе санкции кон одговорните за оваа грешка изјави Филипче

Министерот, појасни дека, сепак, договорот со фирмата нема да се раскине, но таа нема да може да конкурира на следниот тендер.

Филипче информира и дека е завршен состанокот со официјалните претставници на компанијата „GlaxoSmithKline“, кои имале увид во вакцината, пакувањето и рокот.

Компанијата  не увери дека вакцината е нивен производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина се користи во сите земји на ЕУ – истакна министерот.