Министерот за здравство, Венко Филипче и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како и претставник од Амбасадата на Македонија во Белград ќе ги посетат повредените во несреќата што се случи ноќеска кај Лесковац кога автобус на струшки Еуро бус излета од патот.
Филипче и Рашковски ќе ги посетат повредените македонски државјани во болниците во Ниш и во Лесковац.
Од Министерството за надворешни работи (МНР) информираат дека српските власти ги известиле оти во несреќата загинале три лица, маж на 68 години и две жени. За жените се уште нема потврда на идентитетот.
Повредени се и 32 лица, од кои 28 се надвор од животна опасност. Тие се згрижени во Општата болница во Лесковац, четири се на хирургија, еден е на ортопедија. Четворицата повредени со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш.
Станува збор за автобуски превозник од Струга, со регистарски таблици „Euroturs SU 3325 AC“. Од МНР информираат дека чекаат дополнителни официјални информации.
Автобусот сообраќал на релација Битола-Прилеп-Велес-Табановце-Виена.
Според српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички на компанијата Еуро Бус, кој патувал од Битола за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац. Возачите на автобусот не се повредени.
Comments are closed for this post.