Европската партија на Зелените објави соопштение за бегството на Никола Груевски во Унгарија и обвинува дека Орбан сака да испровоцира конфликт.

Премиерот Орбан е гение кога станува збор за наоѓање нови начини да се травестира владеењето на правото, неговиот последен „успех“ е да прими политички криминалец од соседна Македонија како бегалец, спротивно со антибегалските закони кои самиот ги воведе, пишува во соопштението потпишано од потпретседателот Рајнхард Бутикофер и Моника Фрасони.

Тие го осудија и портпаролот на Орбан за изјава во која го нарекол Зоран Заев „кукла на Сорос“.

Зелените силно го критикуваат „цинизмот и провокативниот однос кои можат да бидат толкувани само како обид да се создадат тензии на Балканот и да се распалат конфликти со кои ЕУ и македонската Влада макотрпно се обидуваат да се справат на инклузивен, праведен и културен начин“.

Никој нема бенефит од извонредното однесување на господинот Орбан, освен рускиот претседател Путин кој е ужаснат од секој чекор кој го прави македонската нација кон вклучување во евроатлантската заедница. Русија се обиде директно да се вмеша во Македонија и Грција но безуспешно до сега. Срамно е членка на политичката фамилија на ЕПП да игра во антиевропска екипа, додаваат тие.