Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски договара спорен тендер вреден седум милиони евра, тврди „Експрес.мк“, објавувајќи аудио разговор наводно меѓу тројца високи државни функционери за тендер финансиран од Европската Банка за Обнова и Развој (EBRD).

Разговорот како што наведува медиумот го доставил свиркач.  18 октомври 2018 година Генералниот секретар на Македонската Влада Драги Рашкоски заедно со претседателот на управниот одбор на М Нав Николче Тасески и шефот на кабинет на министерот за транспорт Митко Тајчулески, договарале како што објавува медиумот понуда за јавна набавка за нов АТМ систем за контрола на летање од италијанската компанија „Леонардо“.

Вкупната сума на набавката е 7 милиони евра, финансирани од ЕБРД. Според „Експрес“ соговорниците знаеле дека компанијата не ги исполнува целосните критериуми, но тие ја добиле набавката.

Иако датумот за тендерот изминал за 3 дена и како што наведува „Експрес“ соговорниците го истакнуваат тоа во разговорот тие свесни дека го кршат законот сепак проектот го доделуваат на италијанската фирма.

Со реакција се јави и повиканиот Рашковски.

„Разговорот е снимен од Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во МНАВ баш поради предизвикување на сериозен инцидент, за кој има извештај подготвен од Комитетот за воздухопловни несреќи.Тендерoт и изборот на најповолен понудувач се направени во 2016 година. Од тогаш поради за нас познати причини, никој не го потпишува договорот за набавка на нов радарски систем“, напиша Рашкоски на фејсбук.

„Новиот директор на техника Климент Чепуњовски свесен за состојбата со техниката, намерно не го потпишува договорот и праќа навредливи писма кон ЕБРД (за тоа докази во текот на утрешниот ден) и прави други незаконски дејствија за кои има докази до обвинителство. Со оглед на тоа дека опремата е неопходна за нормално функционирање на авионскиот соообраќај, ПО ЗАДОЛЖЕНИЕ НА ВЛАДА, а не самоволно се организира состанок во мојата канцеларија (кој Климент го снима но намерно го сече делот каде што тој збори) и на состанокот НЕ СЕ ДОГОВАРА НИКАКОВ ТЕНДЕР туку се збори за ДИНАМИКАТА НА ИСПОРАКА НА ВЕЌЕ ЗАВРШЕНА ПОСТАПКА ОД 2016 година, затоа што по вина на Климент Чепуњовски, не се потпишува договорот за испорака“, додава генералниот секретар во објавата на социјалните медиуми.