Работник на возраст од 40 години почина во Гевгелија кога во попладневните часови на 26 јануари настанал пожар во продавница за производи од железо, каде што тој бил вработен.

Како што информираат од МВР, во пожарот сo повреди се здобиле уште четворица работници од Гевгелија и еден од селото Прдејци, сите на возраст меѓу 29 и 46 години. По укажаната лекарска помош во општата болница во Гевгелија работниците биле пуштени на домашно лекување.

Со повреди се здобил и уште еден 30-годишен гевгеличанец кој, по укажаната лекарска помош бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Причина за пожарот, според првичните сознанија е експлозија на плинска боца која 30 годишникот ја донел за да се монтира горилник.

Пожарот бил изгаснат од страна на противпожарна екипа. Извршен е увид на местото на настанот, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.