Неизвесна е судбината на францускиот предлог за нова методологија за прием на нови членки на ЕУ откако новата претседателка на Комисијата Урсула фон дер Лајен изнезе низа забелешки, и она што е поважно, дека тоа не треба да важи за Македонија и за Албанија.

Според неа, легитимно е да поставуваат прашања за процесот на проширувањето но оти не треба да се менуваат правилата среде игра.

Иако новата методологија на барање на Франција е само неформален предлог и е далеку од усвојување, на власта веднаш и се допаднаа, најверојатно во намера да му се додвори на официјален Брисел по блокадата за почеток на преговорите.

Во умилкувањето најдалеку отиде вицепремиерот Бујар Османи кој рече дека во францускиот предлог виделе добри работи. Позитивно во документот, според вицепремиерот, е што новата методологија предвидува вклучување во кохезиска политика и во структурни фондови пред самото членство.

Изминативе неколку месеци во јавноста се појавува зборот “нон пејпер“ иако малкумина знаат што тој значи. Се работа за неофицијален документ за тоа на кој начин треба да преговараат земјите-кандидати но и оние кои допрва треба да го стекнат тој статус. Засега земји кандидати се Македонија и Албанија, додека пак во процес на преговори се Србија и Црна Гора.

Со него, се предвидува поголема контрола во процесот на преговорите и наместо како досега во поглавја, кои вообичаено се 35 , преговорите да бидат поделени во области и целиот процес да биде реверзибилен, односно ако не се задоволни од резултатите во одредена област, преговорите да почнат од почеток

Засега само Франција, Данска и Холандија сакаат ваква нова методологија, додека останатите земји од ЕУ се против.