Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешниот утрински брифинг со новинарите, потврди дека согласно крајниот рок претседателските избори ќе бидат распишани на 8 февруари.
„Тоа според календарот ќе значи дека првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај“.
Доколку не се исполни законскиот цензус за излезност од 40 проценти од регистрираните избирачи, во тој случај се активираат уставните и законски механизми, и Џафери „ е подготвен“ 6 месеци, односно до распишувањето на нови избори, да преземе одредени надлежности на претседателот на државата.
На прашањето на Пресинг ТВ, дали државата и Собранието се подготвени да организираат фер и демократски избори, како на пример навреме да биде формирана Антикорупциската комисија, Џафери рече:„Јас сум подготвен, а за другите институции не знам“.
Роковите за составот на Антикорупциската течат – таа ќе се избира според новиот закон за спречување корупција и судир на интереси, конкурсот беше затворен вчера и на комисијата ќе и требаат три дена за да ја направи првата селекција на кандидатите кои целосно ги исполнуваат условите. Според Џафери, ако се сака да се фатат роковите, тогаш членовите на комисијата ќе треба да работат и за време на викендот.
За иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентрани избори тој рече дека нема да се разгледува се додека не биде договорена „пржинска влада”, која согласно законскиот рок треба да биде формирана најмалку 100 дена пред избори. Собранието може да се распушти и доколку до претседателот на законодавниот дом биде поднесена иницијатива со потписи од 61 пратеник за негово распуштање. Ова го изјави претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на денешната средба со новинарите.
100 дена како услов
Доколку се оди според моделот за техничка влада според моделот од Пржинскиот договор, нема можност да се постигне предвремените парламентарни избори да се одржат заедно со претседателските. Согласно Договорот од Пржино и измените направени на Законот за Влада, при парламентарни избори потребно е 100 дена пред нивното одржување формирање на техничка влада, а тоа значи оставка од премиерот и именување двајца министри од опозицијата во МВР и МТСП и тројца заменици-министри.
Comments are closed for this post.