Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка по повод 24 Мај – Денот на словенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Денешниот ден, се наведува во честитката, се празнува за да се искаже почит кон делото на словенските просветители кои историјата ги запиша како основоположници на словенската книжевност и писменост.

Нивната работа е капитално дело во развојот на словенската култура и описменувањето, тие го дале дарот на зборот и писмото и тоа ги прави повеќе од достојни за прослава на нивното име и дело. Нивниот придонес е и придонес во светската култура. Како претседател на Собранието, горд сум што во Законодавниот дом имаме голема почит кон различните култури и религии, уверени дека тие се само дополнителна вредност во ова општество. Да продолжиме заедно на овој пат, негувајќи го ова богатството. Дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и да посакам и патот на нашата земја да биде светол како што е и нивното дело, стои во честитката.