Собранието и неговото Координативно тело за спроведување на референдумот имаат целосна доверба во работата на ДИК, во надлежностите на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, во намерата на невладините организации како претставници на граѓаните кои го набљудуваат процесот, изјави за МИА претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.

До неговата реакција доаѓа откако генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ, Игор Јанушев обвини дека со неименувашњето на набљудувачи кои ќе го следат референдумскиот процес се фрла  црна сенка врз декларативните заложби за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Генералниот секретар на партијата смета дека  набљудувачите се гаранција за законитоста на референдумот.

Во реакција на изјавата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, Џафери објаснува дека исто така важен аспект се финансиите.

Ајде кажете од каде пари? Кој ќе го финансира тоа? Политичките партии? Па политичките партии немаат право да делегираат набљудувачи. Тие ќе имаa право доколку се пријавеа во ДИК како учесници, па од сопствени средства да си ги регулираат односите, затоа што Законот за референдум пропишува учесници во пропагандата да можат да бидат сите кои од сопствени средства ќе ги платат трошоците. Сега, како јас да ги вклучам партиите? Како Собранието да им ги плати трошоците? Тоа е работата, вели Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ  се сомневаат во намерите на власта да организира законско и демократско референдумско изјаснување. Бараат од ДИК на утрешната седница да изврши измена во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдумот.