ВМРО-ДПМНЕ ќе освои апсолутно мнозинство на парламентарнмите избори закажани за 8 мај, но не доволно за партијата да може сама да формира влада. Вакво нешто покажуваат резултатите од анкетата изработена од Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС), презентирани во емисијата „Објектив“ на МРТ1.

На прашањето „За која партија ќе гласате на претстојните избори?“ на ниво на цела Македонија, резултатите се 21,8% за ВМРО-ДПМНЕ, 11,7% за СДСМ, 6,2% за ДУИ, 4,6% за Европскиот сојуз за промени (ЕСП), 3,2% за Левица, 2,7% за движењето ЗНАМ, 2,2% за Алијанса за Албанците.

18,2% од испитаниците одговориле дека не би гласале за ниту една партија, 16,6% не сакале да дадат одговор, 1,3% ќе гласаат за друга партија, а 11,4% не знаат или немаат одговор.

Врз основа на овие резултати и резултатите по изборни единици кои беа објавени изминатите емисии направена е симулација на освоени пратенички места согласно донтовиот модел. Преточено во бројки, резултатите од анкетата предвидуваат дека ВМРО-ДПМНЕ во новиот парламентарен состав ќе има од 52 до 54 пратеници. Втора политичка сила во парламентот ќе биде СДСМ, со бројка што ќе се движи меѓу 26 и 30 пратеници, додека за третото место ќе претендираат ДУИ, која ќе има 14 или 15 пратеници, како и ЕСП на кого ќе му припаднат 10 до 12 пратеници.

Место во новото Собрание ќе има и за Левица (5-6 пратеници), ЗНАМ (4-6 пратеници) и Алијанса за Албанците која може да очекува три пратеника.

Гледано според изборни единици, во ИЕ 1, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои девет пратеници, додека СДСМ ќе има четири или пет. Свои претставници во Собрабието од ИЕ 1 ќе имаат и ДУИ (3), по еден или двајца ќе имаат Левица и ЕСП, а еден пратеник ќе има ЗНАМ.

ВМРО-ДПМНЕ ќе има најмногу пратеници и во ИЕ 2, а таа бројка ќе биде осум. Двојно помалку места во Собранието ќе има за СДСМ, ДУИ ќе има тројца, по двајца пратеници ќе имаат ЕСП и ЗНАМ, додека еден пратеник ќе биде од Левица.

Во ИЕ 3, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 12 или 13 пратенички места. На СДСМ ќе му припаднат пет или шест, а по еден пратеник од оваа изборна единица ќе имаат Левица и ЗНАМ.

ВМРО-ДПМНЕ убедливо води и во ИЕ4, од каде ќе има 12 членови на Собранието. СДСМ ќе добие шест или седум пратеници, еден пратеник ќе има Левица, а шанси за еден пратеник има и ЗНАМ.

И во ИЕ 5, водството е на страната на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе има осум или девет пратеници. Шест пратенички места ќе има за СДСМ, две или три за ДУИ, додека по едно место ќе имаат Левица и Алијанса за Албанците. Шанси за едно пратеничко место во ИЕ 5 има и за ЕСП.

Во ИЕ 6 ќе се бие изедначена битка меѓу ДУИ, за која се очекуваат седум, како и ЕСП која би имала шест или седум пратенички места. ВМРО-ДПМНЕ ќе освои три, Алијанса две, а СДСМ ќе има едно или две места во Парламентот од оваа изборна единица.

Анкетата е спроведена е телефонски, во периодот јануари/февруари годинава на 6.021 испитаник. Маргината на грешка на резултатите од анкетата е +/- 3%.