Задоволни сме од одбраната, детална беше од секој аспект и од секој дел на диспозитивот на обвинителниот акт. Така што, тој се произнесе, а Обвинителството е тоа што треба да ја докаже невиноста на обвинетиот, а не ние да докажуваме. Затоа велиме, ја кажа вистината во својата одбрана. Вие немате доказ во овој предмет, изјави адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски по изнесената одбрана на денешното рочиште од страна на обвиниетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“.

Дуковски посочи дека Обвинителството не извршило вештачење на мобилниот телефон.

Значи, немате вештачење ниту на снимката што ја виде половина Европа, а особено немате вештачење на мобилниот телефон. На што се заснова ова обвинение, на исказ на човек којшто има интерес да биде ослободен од друга кривична постапка. По начинот како е поставено обвинението, истиот тој сведок можел да рече дека им дал на обвинетите 150 милиони евра. Ние видовме неколку лепени делови од фрагментарни снимки, коишто повторувам не се извештачени да каже вешто лице од електро струка дали станува збор за автентична снимка, дали е таа снимка снимена во време, место и на начин како што е кажано, туку видовме само еден куп пари и како излегуваат две лица надвор, пред се, сега веќе осудениот којшто носи некаква торба. И покрај тоа не беше извршено вештачење на телефонот и јас навистина не знам на што се базира ова обвинение, рече Дуковски.

Тој дополни дека се надева оти судот ќе ги цени подеднакво и со еднакво внимание доказите и на одбраната и на Обвинителството.

Според Дуковски, телефонот на Јовановски за разлика од другите лица во оваа кривична постапка ниту бил заштитен со каков било пасворд ниту имал каква било заштита и затоа така лесно е влезено во неговиот мобилен телефон за разлика од веќе осудениот, на кој, нагласи, „не му е вооопшто вештачен телефонот затоа што се работи за ајфон и неможе да се влезе внатре“.

Дуковски ги негираше тврдењата на Русковска која рече дека поседува фотографија како доказ оти торбата со наводните милион евра завршила во домот на семејството на Бојан Јовановски, ниту тие како одбрана имале увид во тој доказ.

 Одговорно тврдам дека таква снимка не постои, рече Дуковски