За иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати. Од сé што е политички договор на коалицијата ние се откажуваме, под услов македонската опозиција да ги гласа уставните измени,

Ова во интервју за косовската телевизија Т7 синоќа го изјавил првиот вицепремиер и министер Артан Груби откако лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вчера соопшти дека сите министри и останати функционери на ДУИ во Владата поднеле оставки до премиерот Димитар Ковачевски.

Груби додаде дека со одлуката за депонирање на оставните од страна на министрите, ДУИ ѝ го отвора патот на македонската опозиција да гласа за уставните измени, а тоа, како што додава првиот вицепремиер, е во полза на интеграциите на С Македонија во Европската Унија и за доброто на граѓаните.

„Познато е дека пред два месеца имаше средба меѓу премиерот Ковачевски и опозицискиот лидер, г. Мицкоски, при што Мицкоски нагласи дека единствен услов на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да ги гласа уставните измени, кои се услов за продолжување на нашиот европски пат, е излегувањето на ДУИ и на Албанците од македонската влада и формирањето моноетничка влада на двете главни македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Значи, на опозицијата не ѝ пречи вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот, не ѝ пречи ништо друго, туку ѝ пречи Албанците да бидат во владата и ѝ пречи еднаквоста меѓу Македонците и Албанците“, вели Груби во интервјуто за косовската телевизија, пренесе МИА.

Груби додаде дека одлуката за оставки на министрите не е ненадејна, бидејќи определба на на ДУИ и нејзиниот лидер Ахмети за целосна интеграција на С Македониај во ЕУ не е ниту од денеска ниту од вчера, туку, како што додва првиот вицепремиер, е актуелна уште од основањето на партијата.

Вчера, партискиот лидер Али Ахмети објави дека министрите од неговата партија поднеле оставки од функциите, кои ќе станат ефективни откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.

Влада без ДУИ беше едно од барањата кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги постави на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни, а на која се зборуваше за гласање на уставните измени.

Уште истиот ден, портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека тој и неговите сопартијци се спремни на ваков чекор.