Албанците не се навикнати во првиот круг да гласаат за Македонец, но во вториот ќе испорачаме 80.000 гласови за заедничкиот кандидат, Стево Пендаровски, изјави на денешната прес-конференција Изет Меџити, кој е и шеф на изборниот штаб на ДУИ за поддршка на претседателскиот кандидат на власта.

Истиот Меџити, пак, гостувајќи на Алсат М телевизијата веднаш по првиот круг на претседателските избори најави дека ДУИ во вториот круг ќе испорача од 80.000 до 100.000 гласови.

Да бидеме децидни, ние сме заинтересирани да се постигне цензусот. ДУИ ќе биде силно ангажирана во вториот круг за г-дин Пендаровски да биде претседател на Република Северна Македонија. Исто така ги направивме нашите пресметки, тоа ќе биде од 80 до 100 илјади гласови“, рече тогаш тој.

Само еден поглед на бројките покажува дека станува збор за разлика од 20.000 гласови, што, пред се, се должат на партиските пресметки на ДУИ. Владиниот коалиционен партнер во пресрет на вториот круг најави активности од врата на врата. Но, по денешната прес-конференција стана јасно дека активноста од врата на врата не треба да подразбира посета на граѓаните, туку на партиските ограници.

Гостувајќи на 1 ТВ, повторно истиот Изет Меџити, меѓу другото, изјави дека во првиот круг, ДУИ на контото на претседателскиот кандидат Пендаровски испорачала 50.000 гласови.

Ова е првпат, албанска политичка партија да се одлучи во прв круг да оди со заеднички македонски кандидат. Знаевме дека тоа може да не чини намалување на рејтингот. Но, кога оваа влада апсолвираше некои битни работи, како името, Законот за јазици, претседател на Собранието, ние возвративме со поддршка за заеднички кандидат, рече тогаш Меџити.

На страна оценките на останатите лидери на албанските партии, пред се на Зијадин Села и Мендух Тачи, според кои ДУИ го достигнал максимумот во првиот изборен круг, сепак очигледна е играта со бројките. Зашто, 50.000, 80.000 и 100.000, сепак, не се исти.