Од вкупно 33-та обвинети за настаните од 27 април минатата година, 23 веќе поднеле барања за амнестија. И други 15 лица, кои беа осудени во претходните судски постапки, го сториле тоа. Така што, вкупно 38 лица досега побарале амнестија.

Според информациите што кружат во јавноста, потврдено е дека на списокот баратели на азил се наоѓаат пратеникот Крсто Мукоски, Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, претседателот на велешкото здружение Ќосето – Горанчо Ангелов, Иван Цветановски од кабинетот на екс-претседателот Трајко Вељановски, Горан Ѓошевски Леви, што беше обезбедување на Трајко Вељановски и Митко Пешов началникот на специјалните полициски сили.

Меѓу оние кои поднеле барање за амнестија се и двајцата браќа Михаил и Стефан Младеновски и Захарие Симовски обвинетите кои први со сведочењата открија дел од деталите како се организирал крвавиот четврток.

Засега нема потврда дали и останатите двајца пратеници, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, побарале амнестија. Неизвесно е дали тоа го сториле и оганизаторите на протестите од „За заедничка Mакедонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Игор Дурловски и Борис Дамовски.

Ниту за носителот на златната команда Митко Чавков за сега не се знае дали поднел или ќе поднесе барање за амнестија.

Едно од останатите 15 лица, кои поднеле барање за амнестија, е и Панче Ангелов, лицето кое ја влечеше за коса тогаш пратеничката, а сега актуелна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.