Од Грција зависи дали Дојранското езеро и понатаму ќе се поплавува. Постои прекуграничен проект, потпишан е и е во фаза на имплементација, тврди првиот човек на општината.

Но додека се утврдува состојбата со каналот Ѓолаја во Грција преку кој би требало при вакви високи водостои водата непречено да истекува на грчката страна од езерото глетката е катастрофална.

Со оглед на хидролошките услови и на начинот на управувањето со езерото веројатно дека високиот водостој нема да биде инцидентен само годинава

Патеката покрај Дојранското крајбрежје од одмаралиштето Партизан до плажата Мрдаја е уништена. Истата или е под вода или без бекатон плочки кои се однесени од брановите на езерото. Во вода се и канделабрите кои ја осветлуваа патеката долга 2,5 километри и широка 5 метри.

Станува збор за патека која пред 6 години беше изградена со средства од Министерството за транспорт и врски и граѓаните ги чинеше 53,4 милиони денари.

Според договорот со Република Грција во 1940 и 1956 година максималниот договорен водостој е утврден да биде на кота 147,34 м.н.м, во моментов изнесува 197 м.н.м.

Жителите на Дојран кои екипата на Пресинг ТВ ги сретна покрај крајбрежјето велат дека веднаш треба да се превземат итни мерки.

Единствениот начин за регулација на нивото на езерото е испусниот канал на грчка страна, друга алтернатива не постои, вели за Пресинг ТВ градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов.

Нема план Б освен испусниот канал на грчка страна за регулација на езерото. Постои прекуграничен проект, потпишан е и е во фаза на имплементација. Се работи за ИПА проект со Општина Кукуш. Средствата се обезбедени од Европските фондови. Како активност од нивна страна е и расчистувањето на каналот и конечно ставање во функција на испусниот канал, а со тоа и решавање на долгогодишниот проблем кој го има Дојранското езеро.

Ангов се надева дека набрзо ќе се реши проблемот и додева дека општината настојува проектот да се реалзира брзо, ставањето во функција на испусниот канал е прва и приоритетна активност на локалната самоуправа на Дојран.

Потоа вели ќе следи санирање на штетата на патеката и плажите нанесени од високоиот водостој.

Пешачко – рекреативната патека, со преокт добиен од УНДП ќе се санира. Започнувајќи од вилата на Владата на Р. Македонија или веднаш под црквата св. Илија па се до плажата на ЕЛЕМ. Токму во тој дел (Елем Турс) ќе се направи отстранување на дел од патеката и ќе се изградат плажи. Со отстранувањето на дел од патеката ќе се овозможи дишење и природно прочистување на езерото, изјави Ангов.

Покрај проблемот со високоиот водостој, општината има сериозен проблем и со нехигиената. Сликата на крајбрежјето под месноста Сретеново до Мардаја е катастрофална, пластични шишиња и отпадок насекаде. Градоначалникот за овој проблем вели дека во моментов се изготвува проект, потенцирајќи дека сепак вината е кај граѓаните.

Пластични шишиња и отпад ги покрија плажите на Дојранското езеро

Се изготвува проект, токму на тој дел, од Сретеново до Мрдаја. Дел од патеката ќе се изруши и ќе се направат нови, модерни и функционални плажи. Конкретно за ѓубрето, спроведовме неколку акции за чистење, упативме апели да не се фрла ѓубре, да не се загадува езерото и животната средина, но сепак, сметам дека со проектот кој е во завршна фаза на подготовка трајно ќе се реши проблемот.

Освен на копно проблем има и во вода. Повеќе од три месеци Дојранското езеро кое е препознаено по богатството на рибната фауна нема концесионер кој треба да се грижи за поголема заштита на рибниот фонд. Додека се најде нов грижата е оставена на полицијата и МВР.