Договорот од Преспа клуч за евроинтеграциските процеси на земјата, порта за отворањето на патот на Македонија кон ЕУ, преговорите ќе почнат само ако се спроведе договореното, а без решение за името вратата на Унијата ќе се затвори со децении.

Ова се дел од пораките, кои  ги пренесоа високи европски претставници пред претстојниот референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот со Грција за решавање на спорот за името, но и за европските и евроатлантските перспективи на земјава.

Зајакната дипломатска активност проследена со посета на високи претставници на меѓународната заедница продолжува, а вчера во земјава беше државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот.

 Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што посокоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна Рот.

Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ во Скопје, вчера во за регионалниот веб-портал „Јуропијан Вестерн Балканс“ истакна дека отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ следниот јуни ќе биде можно само доколку договорот со Грција е целосно имплементиран.

 Референдумот е важен ден за земјата бидејќи граѓаните на него нема да одлучуваат само за договорот со Грција, туку и за тоа каква иднина сакаат. Самото прашање е поврзано со членството во ЕУ и НАТО, но и да не беше така, многу е јасно дека успехот на референдумот и консеквенците што ќе следат – промената на Уставот, се предуслов за земјата да оди напред во однос на нејзините евроинтеграции, посочува Жбогар запрашан за неговите очекувања од референдумот.

Во земјава в понеделник пристигнува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, а тој вчера во интервју за МИА порача дека без решение за името, вратата за ЕУ ќе се затвори со децении.

 Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата, рече Хан за МИА.

Тој е уверен дека, доколку Македонија ги исполни поставените услови за почеток на преговори може да смета на почеток на истите на средината на 2019. Околу условеноста на датум за преговори, еврокомесарот за проширување цени дека и без таа условеност, Македонија ќе требаше да чека најмалку една година за фактичко започнување на преговорите, бидејќи тие бараат подготвителна работа.

Поддрршката за Договорот од Преспа и за успешен референдум проддолжува и следната недела. В понеделник освен Хан пристигнува и американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис, а во вторник во земјава ќе престојува шефот на германската дипломатија, Хајко Маас.