Мене лично Бојко Борисов ми има кажано дека ова што денеска го бараат е ветено од Зоран Заев. Не сум присуствувал на тој муабет, не можам да ја потврдам веродостојноста на таа информација, се оградувам, но лично јас сум го слушнал од него. Кога овој бил опозиционер и кога бил градоначалник, бил кај него и ова го ветил, само да дојде да биде премиер.
Ова, меѓу другото, само пред неколку дена го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостувањето во емисијата Студио 10 на ТВ 24. И тоа не беше негова прва прозивка на адреса на двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов околу состојбите со (не)спроведувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
За жал, до ден денес ни од Заев, ни од Борисов нема конкретен демант или потврда да прозивките, што фрлаат сосема поинаква светлина за бугарското вето за македонскиот пат кон конечнниот почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Но, една фејсбук комуникација меѓу Драган Спасов-Дац и Александар Митевски и Бојко Борисов, што ја пренесува агенцијата БГНЕС, само меѓу редови потврдува дека, сепак, постоеле некакви ветувања. Нивните релации започнаа уште со преработката на Александар и Дац насловена како „Корона чао“, што Борисов со видео-клип ни потврди дека со задоволство го слуша.
Сега по бугарското вето, Дац и во името на Александар си зема за слобода и му пиша на Борисов, меѓу другото, за значењето на македонскиот јазик, но пред се за улогата на првите соседи.Притоа, промовирајќи го и нивниот нов проект „Љубовен пасош“ во кој е поместена и песната „Целувката на Ана”, што двајцата уметници ја пеат во оригинал, на бугарски јазик, како и уште неколку други на српски, грчки, руски, влашки…
-Ние сме срдечни луѓе, полни со љубов, кои знаат да сакаат кога се сакани. Има и од оние другите, но такви има секаде. Лесно е да се мрази, тешко е да се сака, затоа што љубовта и пријателството бараат разбирачка, а ние мора да се разбереме, му напиша меѓу другото Дац на Борисов.
И БГНЕС веднаш го пренесе одговорот на бугарскиот премиер.
-Ви благодарам за честитката! Во овие нелесни времиња важно е да се поддржуваме едни со други. Исто како и во минатите годините, ние секогаш го правевме тоа за нашиот прв и најблизок сосед! И токму затоа што сме најблиски, не треба да дозволиме да се одалечуваме. Пријателството меѓу нас е силно. И најсилните врски се најемотивни. Но, тоа не значи дека ние треба да се откажеме од нашите ветувања и да се навредуваме, напиша Борисов меѓу другото во својата фејсбук-објава.
Борисов не кажува децидно за чии и какви ветувања станува збор. Но, тоа што е најважно, тој потврдува дека постоеле некои ветувања, што е токму на линија на прозивките на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Оттука и прашањето до кога мисли да молчи премиерот Зоран Заев и да лета на крилата на патриотизмот и ситните дневно-политички обвинувања на адреса на опозицијата?
Comments are closed for this post.