Борбата продолжува. Прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува. Кочи Мицко! Вториот круг е пред нас, убеден сум дека ќе имаме мнозинство во советите и повеќе градоначалници и нема да има дилеми за победникот.

Овие зборови на екс-премиерот Зоран Заев, изречени доцна во ноќта на 17 октомври по првиот круг на локалните избори, се уште се паметат во јавноста. Не заради друго, туку поради фактот дека со нив Заев како зло и внатрешни државни непријатели именуваше 300.000 граѓани во државата, кои гласаа за коалицијата предводена од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Од тогаш, па до сега се сменија многу работи, иако станува збор за релативно краток временски период од само неколку месеци. Соочен со катастрофата доживеана на локалните избори Заев поднесе оставка, власта го преживеа обидот за формирање ново парламентарно мнозинство, а Македонија доби нов премиер во името на Димитар Ковачевски.

Но, една работа остана константна, па дури може да се каже дека, наспроти очекувањата, таа стана и надоградена, а тоа е навредата на сите кои не мислат и не се согласуваат со политиките на владејачкиот СДСМ. Како тоа „зло“ и произведувањето внатрешни државни непријатели во духот на најтврдите тоталитаристички болшевички режими да не беше доволно, покрај оние веќе познати фрази од типот на стоки, небањати, неписмени…

И премиерот Ковачевски и неговиот СДСМ отидоа чекор понатаму. Па, наместо на „физичкиот изглед“ на неистомислениците, сега се нафрлија на нивното „психичко и ментално здравје“. И во партиските соопштенија и во настапите на Ковачевски се користат термините хистерија или хистеризирање! За целата опозициска ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

Патем речено, провладините медиуми не пропуштаат да го прашаат Мицкоски зошто Ковачевски го именува како пион на заевизмот, а истите тие провладини медиуми никогаш не ги прашале ниту Заев, ниту Ковачевски зошто го именуваат Мицкоски за продолжена рака на Никола Груевски!

Пред неколку дена, одговарајќи на новинарско прашање околу предложената декларација за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и повикот на Мицкоски за национално обединување, премиерот Ковачевски меѓу другото изјави дека единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации. И додаде дека со тоа само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности.

– Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија, оцени тогаш Ковачевски.

 

Ако се погледне во Дигиталниот речник на македонскиот јазик може да се види дека зборот хистерија е именка од женски род и значи вид нервно растројство. Како пример е дадено-Падна во хистерија.

Значи, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицкоски, а покрај нив и нивните симпатизери, поддржувачи и гласачи, според СДСМ и премиерот Ковачевски, имаат нервно растројство! А, таквото нервно растројство сигурно бара и соодветен здравствен третман!

Ете, толку од политичката (не)култура на власта! А, секоја реакција предизвикува и соодветна контрареакција и после да не се чудиме за ниските оценки, што на овој план ги добиваме во меѓународните извештаи.