Делегацијата на Република Македонија, предводена од државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, учествува на Меѓувладината конференција за усвојување на Глобалниот компакт за безбедна, уредна и редовна миграција, што од вчера се одржува во Мaракеш, Мароко.

Димовски на конференцијата истакна дека во екот на мигрантската криза во Европа 2015 година, Македонија обезбедила поддршка за повеќе од 800.000 мигранти.

– Тогаш стана очигледно дека ниту една држава сама не може да се справи со толкав прилив на мигранти и дека е неопходна засилена меѓународна и регионална соработка, посочи тој.

Поздравувајќи го усвојувањето на Глобалниот компакт, државниот секретар посебно го истакна фактот што документот овозможува секоја држава да ја утврди својата национална миграциона политика и правилата според кои ќе одобрува влез и престој на странски државјани.

– Република Македонија верува дека глобалниот компакт за миграции, како политички документ, претставува алатка за зајакнување на глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините што ја поттикнуваат, а воедно може да послужи и за справување со илегална миграција и трговија со луѓе, организиран криминал и други негативни појави што претставуваат легитимна грижа на афектираните држави, заклучи Димовски.