Интеграцијата на Западниот Балкан е од стратешка важност за ЕУ, поради што Унијата треба да им пристапи на земјите од регионот како на активни субјекти на европската геополитика, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќање на конференцијата „Европската безбедносна соработка со Источното соседство и Западен Балкан“, организирана од Европскиот центар за надворешни односи.

– Западниот Балкан е најсоодветниот регион каде ЕУ може да направи разлика во геополитичка смисла, порача Димитров.

Како што соопшти Секторот за европски прашања, Димитров се осврна на геополитичките и економските фактори кои налагаат блиска соработка на ЕУ и Западен Балкан, подвлекувајќи го значењето на единствено и координирано справување со споделените предизвици, што беше евидентно во случајот со мигрантската криза, а особено во однос на пандемијата со КОВИД-19.

– Конференцијата беше можност за размена на ставови во однос на геополитичкото дејствување на Европската Унија, со осврт на соработката со земјите од Западен Балкан во однос на прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста на Европа, се додава во соопштението.

СЕП информира дека на панелот, посветен на безбедносната соработка со Западниот Балкан, се обратија и директорот за континентална Европа при Министерството за надворешни работи на Франција, Фредерик Мондолони и директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите од ЕФТА при германското Сојузно министерство за надворешни работи, Сузане Шуц, кои позитивно го оценија европското досие на Македонија, гласно потенцирајќи ја поддршката за нејзин пробив.

– Германската амбасадорка Шуц истакна дека Германија жали за пропуштената шанса во декември минатата година да се одржи меѓувладината конференција, но истовремено ќе остане силно посветена за нејзино реализирање што поскоро, во рамките на триото со португалското претседателство и Словенија. Францускиот амбасадор Мондолони на таа линија, рече дека Франција се залага за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, се додава во соопштението