Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Агенција Европа, предупредува за ризиците кои ѝ се закануваат на Македонија доколку ЕУ не додели датум за старт на преговори во октомври.
Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистичките сили и популистите ќе се зајакнат. Тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратешка ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце“, изјави Димитров во интервју за Агенција Европа при неговата последна посета на Брисел минатата недела.
Во разговорот, Димитров го споделува својот оптимизам за одлуката на Советот на 15 октомври и смета дека земјата има „многу убедливи аргументи“, пред сѐ „очигледен напредок кон вистинска европска демократија“, како и постигнувањето на договорите со Грција и Бугарија.
Имаме слух за загриженоста на некои земји членки околу тоа како да процесот на пристапување да се направи построг и повеќе ориентиран кон промена, што е во срцето на интересите на населението во регионот“, вели министерот за надворешни.
Што се однесува до одлагањето на одлуката за датум во јуни годинава, Димитров смета дека министрите немаа доволно време да го разгледаат напредокот во четирите клучни области дефинирани во јуни 2018, поради кусиот рок помеѓу објавувањето на извештајот на Европската комисија и одржувањето на Советот на ЕУ.
Сите погледи се сега свртени кон средината на октомври, мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа прилика во момент кога нема многу прилики за успех“, објаснува Димитров.
Во случај Македонија да не добие зелено светло овој пат, по четиринаесет години кандидатски статус, министерот предупредува: „нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година, потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред“.
Истакнува и дека Македонија целосно ја поддржува европската интеграција на Албанија, но дека земјата не смее да биде жртва на логиката на ставање земји во пакети и потсетува дека процесот е заснован на индивидуална заслуга.
Прашан што мисли за новиот предлог за комесар за проширување на претседателката на Европската комисија, поранешниот унгарски министер за правда, Ласло Трочањи, Димитров не крие дека Македонија има спор со Унгарија околу азилот на осудениот поранешен премиер, Никола Груевски.
Но, смета министерот, важно е двете земји да соработуваат за заедничките интереси и покрај нивните разлики.
Охрабрени сме и ги цениме пораките на избраната претседателка во однос на нашиот регион, нејзиниот интерес и цениме дека во ЕК е навистина важно да се сочуваат двата столба врз кои почива успешно членство. Првиот е регионот да стане европски, значи да има ангажман, а вториот е строгиот и праведен пристап во проценувањето на напредокот или недостатокот од напредок “, вели Димитров.
Тој смета дека колеџот на еврокомесарите, по сослушувањата во Европскиот Парламент, ќе биде внимателен да се сочуваат овие два столба.
Comments are closed for this post.