Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денес учествуваше на Петтиот форум на Европската стратегија за Јадранско-јонскиот регион на тема „Зајакнување на опоравувањето на Јадранскиот и Јонскиот регион преку соработка” на кој што се обратија и Оливер Вархеји, европски комесар за соседска политика и проширување, Елиса Фереира, европски комесар за кохезија и реформи, Јадранка Јоксимовиќ, министер за европска интеграција на Република Србија и Анже Логар, министер за надворешни работи на Република Словенија.

„На патот кон ЕУ, Македонија е особено посветена на регионалната соработка со земјите од Западен Балкан. Патот на соработка не е само мудар избор. Тоа е единствениот правилен избор за земјите од регионот и пошироко во борбата против пандемијата и во нашите напори да ја зајакнеме отпорноста на секој сектор погоден од ковид-19″, изјавил Димитров, соопштува неговиот кабинет.

Тој се осврнал на финансиската помош од ЕУ во остварувањето на целите на тој пат и кажал:

„Инструментите и механизмите за финансиска поддршка од ЕУ за справување со последиците од пандемијата во вредност од 3,3 милијарди евра за поддршка на регионот веќе даваат позитивен ефект како резултат на намалувањето на притисоците на националните буџети”.

Вицепремиерот очекува во наредните седум години проширена и подобро таргетирана поддршка во рамките на ИПА III.

„Осовено се големи очекувањата преку приоритетите на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, како и приоритетите на Јадранско-Јонската стратегија со предвидените 9 милијарди евра за стимулирање на долгорочното економско закрепнување на регионот, зајакната поврзаност, зелена и дигитална транзиција, човечки капитал, конкурентност и инклузивен раст, зајакнување на регионалната интеграција и конвергенција со ЕУ, да придонесат за зајакнување на регионот”, истакнал Димитров.

Според него посилен и поотпорен Западен Балкан води кон посилен и поотпорен Јадранско-јонски макро-регион, што пак води кон посилна и поотпорна Европска Унија, а дека блиската и одржлива соработка на сите нивоа ќе послужи како катализатор на овие процеси.

Инаку, Македонија стана дел од Европската стратегија за Јадранско-јонскиот регион во април 2020 година.