Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 изјави дека пандемијата од КОВИД-19 ќе не освести што всушност значи јавното здравство.

Тој посочи дека порано во здравството се вложувало во проекти кои не биле корисни, а сега во здравствената криза се виде суштината на јавното здравје како дел од здравствениот систем кадешто се обезбедува колективното здравје на сите граѓани.

Секаде Институтот за јавно здравје и неговите експозитури поднесуваат редовни годишни извештаи за своето работење. Во минатото ги разгледувавме паушално тие извештаи и не им придававме големо значење. Оваа епидемија ќе не освести што всушност тоа значи јавното здравство и зошто во поранешната сојузна држава во којашто живеевме толку многу се инвестираше токму во таа насока, на јавното здравје“, потенцираше градоначалникот Димитриевски.

Toj упати апел на што поскоро обезбедување на вакцини за колективна имунизација.

Недозволиво е да бидеме последни во регионот и да немаме обезбедено вакцини. Последни сме во регионот, но немам податоци каде сме во светот. Но, каде се нашите партнери на коишто полагавме толку многу надеж? Значи имаме стратешки партнери кои во овие моменти требаа да ни се најдат. Ги разбирам тие оправдувања дека потребите за вакцините се секаде големи. Но, сепак ние сме една мала нација, која мора да побара начин да се самозаштити. Малите држави во ваквите сложени пандемии на светско ниво имаат поголеми предности во однос на поголемите држави и нации затоа што полесно се контролираат и полесно се самозаштитуваат. Не е исто да дисциплинирате и да воведете во систем 2 милиони луѓе или пак 200 милиони држава. Но, сепак мислам дека тука има направено одредени пропусти. Имаме добиено одреден број на вакцини од донација и благодарен сум за тоа. Во Куманово имаме некаде околу 100 вакцинирани здравствени работници, но сепак вакцините треба да стигнат до сите граѓани. Околу сите оние шпекулации за вакцините, доколку се воведе одредена вакцина прво треба политичкиот лидерштип да ја прими таа вакцина и со тоа да докаже дека таа е сигурна за употреба“, рече Димитриевски.

 

Во однос на состојбата со коронавирус во Куманово, Димитриевски информираше дека состојбата е повеќе од алармантна и бројките на ново заразени растат.

На пример, вкупниот број на позитивни случаи досега во Куманово е некаде околу 5400 луѓе. Но, ако земеме за споредба дека оваа година во месец јануари имавме 534 позитивни, во февруари 403, во март 479 значи дека бројките во овој месец енормно се зголемени. Ако ги споредиме со минатата година, кога во март имавме 50 позитивни случаи, а овој месец имаме до средина на март 479 случаи значи дека состојбата е повеќе од алармантна и сметам дека треба да се превземат и посериозни мерки во делот на спречување на ширењето на ковид кризата. Првенствено тие мерки зависат од самите нас граѓаните, но и од тоа што надлежните институции ќе го дадат како одредено задолжување на граѓаните во делот на однесувањето и почитувањето на мерките“, истакна Димитриевски и додаде дека во болниците во моментов има 54 хоспитализирани лица и дополнително 50 позитивни лица кои користат услуги на дневните болници во Куманово.

Во Куманово се изгради модуларната болница со помош на Министерството за здравство и Општината со што се подигна болничкиот капацитет и во моментов има 21 слободен кревет во ковид одделенијата во Куманово.

Болницата има капацитет да се носи со состојбата, но имаме досега голем број на изгубени човечки животи. 151 кумановчанец го изгубиле животот во борбата против корона кризата. Ако направиме една анализа дека Куманово во март месец минатата година беше гласна во делот на заострување на мерките, па дури и воведување на целосен карантин по примерот на Дебар, денеска само можеме да кажеме дека не успеавме на тој војнички начин да се справиме со кризата не само во Куманово, туку во целата држава. Има два начини за справување на кризата. Едниот е војнички, кој нема компромиси и ја оправдува и ја реализира целта, а вториот е политички, којшто ја оправдува целта, но се прави коз бенефит анализа во делот на она што добивате, а што губите. Ние бевме заложници дека секогаш, во секој момент човечкиот живот е на прво место и затоа сметавме дека требаше да дојде до таа една целосна изолација првично на Куманово, а подоцна на регионот, државата, да се штитиме во делот на влез и излез на земјата и да имавме поголема контрола на состојбата. За жал, денеска сме тука каде што сме, се соочуваме со кризата и ние како општински штаб сме должни да ги следиме насоките кои доаѓаат од повисоките државни органи и од Комисијата за заразни болести. Имаме активен епидемиолог, кој работи во делот на работењето на штабот редовно и не брифира. Стоиме на располагање како општина за преземање на дополнителни мерки. Ако се сеќавате, минатата година имавме интензивни дезинфекции, поголема контрола во делот на движењето, разбивање на оние постојани метежи пред банките, поштите итн, кои беа општа појава. Понатаму, делење на поголеми количини на средства за заштита и дезинфекција на самите граѓани, делење на пакети, но сепак во овој момент кога веќе епидемијата е веќе раширена на територија на целата општина дезинфекцијата, барем според епидемиолозите не вродува со плод. И единствениот начин да се самозаштитиме е да се подигне самата свест кај сите нас и едноставно да ги намалиме личните контакти и да носиме заштитна маска и по потреба да користиме дополнително средство за дезинфекција“, посочи Димитриевски.

Во делот на санкциите од страна на Министерството за внатрешни работи за непочитувањето на мерките, Димитриевски истакна дека го поддржува МВР кога ќе ги види бројките коишто ги дава МВР во делот на поднесени прекршочни пријави против лица кои го прекршуваат законот, бидејќи само тоа е единствениот инструмент ако некој не сака да го почитува редот да му биде изречена прекршочна, а можеби и кривична пријава зависно од степенот на прекршувањето.