Се очекува, претседателот на ДИК Александар Даштевски на седницата официјално да соопшти во кои општини ќе се гласа за градоначалници во вториот круг од изборите и каде ќе се повтори гласањето од првиот круг на изборите. Исто така, официјално треба да биде познат и бројот на советници што партиите и независните листи го освоија на изборите.

Според првичните резултати кои беа објавени, во првиот круг на 17 октомври, градоначалници се избрани во 34 општини. Во 44, пак, на 31 октомври треба да се одржи втор круг, исто и во Град Скопје, додека во две општини – Центар Жупа и Маврово-Ростуше, ќе се прегласува бидејќи во првиот круг не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Во пресрет на вториот круг, до вечерва на полноќ трае пријавувањето за нови лица – болни и немоќни кои сакаат во вториот круг да гласаат од дома еден ден пред изборниот ден. Во своите домови ќе може да гласаат и оние граѓани кои беа пријавени за првиот круг.

Рокот за пријавување за гласање во вториот круг на изборите на лицата со ковид-19 и во изолација, пак, истекува на 25 октомври. Исто како и другите болни и немоќни и овие лица треба да гласаат на 30 октомври.