Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, следната недела ќе ги посети Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, при што ќе разговара за борбата против дезинформациите, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Рубин од 10 до 14 април ќе ги посети Подгорица, Скопје и Тирана, соопшти Стејт департментот.

„Тој ќе се сретне со владини претставници во Подгорица и Скопје за да ја зајакне поддршката за иницијативите против дезинформациите. Ќе разговара за напорите на Русија, Кина и другите злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност ширум светот и како нашите нации можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор“, се вели во соопштението.

За време на престојот во Тирана, се додава, Рубин ќе учествува на средби со американските амбасадори од Западен Балкан.

Рубин беше помошник државен секретар на САД во 1997-2000 година, за време на мандатот на државниот секретар Медлин Олбрајт и ова е негова прва посета на регионот по 23 години.