Министерката за правда Рената Дескоска денеска рече дека одлуката за Судскиот буџетски совет за зголемување на додатоците на платите на судиите и членовите на Судскиот совет, е спротивно на сите законски процедури.
– Сакам да потсетам дека законски основ за давање на додатоци на плата има за судиите, но нема за членовите на Судскиот совет. Јавноста знае дека во ситуација кога сами си доделуваат додатоци кои не им следуваат тоа навистина не е само скандал, туку е и противзаконско однесување, нагласи Дескоска.
Таа додаде одлуката од 30 ноември, за додатоци на плати на судиите за месец ноември е во ред.
– Но она што изненадува, вчера на седница на Судскиот буџетски совет, без да се најави претходно како точка на дневен ред и без јас да добијам покана како член на Судскиот буџетски совет, била дополнително ставена точка со која Советот донесува одлука за ретрокативна исплата за месец септември и за месец октомври, што според мое лично мислење е спротивно на сите законски процедури, потенцираше министерката за правда.
Дескоска потсети дека додаток на плата, што се однесува на судиите, но не и на членовите на Судскиот совет, се исплатува за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливос.
– Тоа значи дека не е дел од редовната плата и треба да постои оценка и образложение во кои случаи овие основи постоеле, изјави Дескоска.
Comments are closed for this post.