Се уште е неизвесно дали ќе почне за денеска најавениот Попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година или, пак, во последен момент Собранието ќе донесе одлука за негово одложување за септември како што беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од Државниот завод за статистика кој е надлежен за спроведување на пописот велат дека немаат коментар дали треба да се одржи или одложи пописот се додека не се заврши постапката во Собранието. Министерот за правда, пак, Бојан Маричиќ вели дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне денеска и доколку попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.

Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега. Жалиме што не успеавме вчера вечер да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива – изјави вчера Маричиќ.

Според него, доколку денеска законот се најде на дневен ред, може да биде донесен во најкраток можен рок, бидејќи е предложен во скратена постапка и со европско знаменце што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување.

Сепак, епилогот од вчерашната попладневна координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери на која присуствуваа потпретседателите Горан Мисовски и Фадил Зендели, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ, Арбер Адеми, на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи и Димитар Апасиев од Левица беше дека нема услови денеска да се одржи седница на Собранието за одложување на пописот.

Против одржувањето на седницата бил координаторот на пратеничката група Алијанса за Албанците Алтернатива зашто сметал дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.

Сите претставници на пратеничките групи и претставниците на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, изразија готовност за одржување на седниците, освен Алијанса за Албанците и Алтернатива. За понатамошниот тек ќе биде информирани дополнително, информира вчера Џафери по завршувањето на координацијата.

Тој претходно рече дека не може да каже кога ќе бидат донесени измените на Законот за попис зашто има процедури што треба да се испочитуваат.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека може да гарантира пред граѓаните дека ќе стори се процесите во државата да бидат успешни и процесот на пописот да даде квалитетни и целосни податоци од кои потоа ќе може државата квалитетно да ги димензионира и економските, финансиски и сите видови на политики.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ одложувањето на пописот за септември е разумно решение во период на пандемија. Нивниот пратеник Тимчо Муцунски вчера од Ресен порача дека очекува да биде испочитуван договорот од лидерската средба меѓу Мицкоски и Заев и пописот да се одржи во септември.