Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека високи функционери на власта свесно прекривале колкав имот поседуваат, органите на прогон да покренат истрага.

Според партијата 123 високи функционери на власта кријат таен имот во вредност од 30 милиони евра.

-Аналитичарот на СДС Алберт Муслиу, најпознатиот адвокат на СДС Ивица Јевтиќ, Валентин Груевски директор на ЈП Македонски шуми и Новица Печински, член на Управен одбор Здравствен Дом Берово се само дел од функционерите кои го кријат својот имот, а се директно поврзани со владата на СДС. Муслиу дедо на младиот олигарх Дарко Каевски и верен поддржувач на политиките на СДС, пет години не поднел анкетен лист, и покрај тоа што имал законска обврска истото да го стори со оглед дека е назначен од Владата во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, се наведува во соопштението на партијата.

Според нивните информации истиот поседувал куќа во Скопје и стан во Центар, а се јавува како основач и сопственик на повеќе правни лица, здруженија и фирма за трговија.

 

-Имено, адвокатот Јевтиќ покрај ангажирањето од страна на функционери на СДС за пишување на тужби за навреди и клевети, е и член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил. Истиот тој адвокат кој што сигурно треба да знае дека треба да достави анкетен лист до Антикорупциска, го крие, а поседува стан во Скопје, основач е на адвокатското друштво Тошиќ – Јевтиќ, а од 2020 година ја основал и градежната компанија ФИЗ Констракшн ДООЕЛ Скопје. Понатаму, директорот на ЈП Македонски шуми, Валентин Груевски не го ажурирал анкетниот лист, а од претходниот имотен лист јасно се гледа дека истиот поседува куќа во Битола, автомобил, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Додека пак Печински кој е вработен во општина Берово е и член на Управен одбор Здравствен Дом Берово и претседател на спортски клуб, крие куќа во Берово и автомобил. Прашањето кое треба да се одговори е дали Валентин Груевски и Печински преку не поднесување на нови имотни листови се стекнале со имот на криминален начин и истиот сака да го прикријат? Власта на СДС преку вакво криминално делување свесно ги уништува системот на државата. Одговорност мора да има, стои во партиското соопштение.

Оттаму велат дека ако Ковачевски не се согласува со криењето имот тогаш да ги разреши.

-Покрај казна за прекршување на законот, бараме институциите да не премолчуваат пред фактите и аргументите и да не се ставаат во одбрана на кршењето на законите во државата, и веднаш да покренат истрага. Органите на прогон служат за да работат согласно законите и Уставот во интерес на граѓаните, а не во интерес на лицата блиски до власта на СДС кои свесно и одговорно прикривале каков и колкав имот поседуваат. Очигледно е дека една од причините е дека се прикривал имотот се со цел граѓаните да немаат јасна претстава колкаво богатство поседуваат високите владини функционери и блиски до луѓе, додека тие едвај преживуваат. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со објавување на аферата „Тајни имоти“ и денеска ќе бидат откриени нови имиња кои што свесно го прекршиле законот и до Државната комисија за спречување на корупција не поднеле точен анкетен лист и покрај фактот што имале обврска истото да го сторат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.