Претседателот Стево Пендаровски во рамки на дводневната официјална посета на Црна Гора, денеска со неговиот домаќин, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Бар ќе го посетат спомен обележјето на Владимир и Косара.

Пендаровски ќе му предаде спомен-плоча на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу  Македонија и Црна Гора.

Легендата за трагичната смрт на кнезот Владимир  и принцезата Косара, ќерка на македонскиот цар Самоил се смета за една од најубавите европски легенди. Се случила во 11 век и се темели на вистински и митски настани. Во војната со македонскиот цар кнезот Владимир бил заробен и однесен во Преспа во затвор. Таму го видела самоиловата ќерка Косара која се заљубила во него и побарала од татка си да се омажи за него, а во спротивно ќе скокне во езеро. Набрзо следела венчавка, а двајцата живееле во близина на манастирот Пречиста Краинска на Скадарското Езеро. Подоцна по смртта на Самоил, Владимир бил убиен со измама од неговиот наследник Владислав, а Косара по неговата смрт се повлекла во манастир и се замонашила. После нејзината смрт по нејзина желба била закопана крај нејзиниот сопруг кнез Владимир. Кнезот Владимир поради неговата богоугодност и христијански живот е прогласен за светец. Според православниот календар свети Јован Владимир се одбележува секоја година на 22 мај, а неговиот култ е цврсто втемелен во Бар, каде се смета за заштитник на градот.