Социјалата мрежа Твитер деновиве започна отворена војна со српските медиуми и претседателот Александар Вучиќ. Со тоа уште еднаш отворено ги манифестира своите двојни стандарди во однос на медиумите во светот.
Како „медиуми што соработуваат со Владата“ на својата „црна листа“ Твитер стави 11 српски медиуми меѓу кои РТС, Пинк, Прва, Б92, Хепи, новинската агенција Танјуг и весниците Курир, Информер, Политика и Српски телеграф. Оценка на социјалната мрежа е дека уредувачката политика на овие медиуми ја контролира српската Влада, преку финансирање или директни или индиректни притисоци.
Ова не е првпат Твитер да реагира не само на српските медиуми. Минатата пролет, покрај нив, настрадаа и медиуми поврзани со владејачки партии во Египет, Хондурас, Индонезија и Саудиска Арабија. Тоа, со други зборови, значеше дека Твитер нема да ги препорачува медиумите блиски до властите на своите корисници.
Ако основна причина за реакцијата на Твитер е финансирањето и блискоста до владите во споменатите држави, а во конкретниот случај тие во Србија, основано се поставува прашањето зошто социјалната мрежа не реагира и на македонските медиуми? Зашто, меѓу нив не само што има провладини, туку и чисто владини, кои исто така по разни основи и на разни начини добиваат буџетски, односно владини средства!? А, колкав е тој износ, зависи од големината и влијанието на (про)владиниот медиум.
Во Македонија, за жал, се случува токму спротивното. На удар на социјалните мрежи не се (про)владините, туку опозициските и критички настроените медиуми и истакнати новинари вработени во нив, кои отворено се ставени на „црни листи“ и се третираат како државни непријатели број 1! Против поединци се покренати и кривични постапки, што не остана незабележано и во годинешниот извештај на Стејт департментот.
Засега, социјалните мрежи имаат премногу доверба во „проверувачите на факти“ од невладиниот сектор, кои „борбата против лажните вести“, „одбраната на демократијата“, „говорот на омраза“ и „заштитата на основните човекови права и слободи“ ги злоупотребуваат до крајни граници и, пред се, во дневно-политички цели. Па така, без оглед на реалната содржина во текствовите, опозициските и критички расположени, пред се, електронски медиуми и портали не можат да ги споделуваат своите текстови, главно со политичка тематика. Ова важи како за Твитер, така и за Фејсбук.
И тоа, нормално, се одразува како на читаноста, така и на влијанието на опозициските и критички настроените медиуми.
Од друга страна, пак, Твитер во Македонија реагираше само во два наврати и тоа на профилот на министерот за здравство Венко Филипче. Но, замрзнувањето на неговиот профил не траеше долго и експресно беше одново пуштан во функција. А, ако основен критериум беше ширењето „лажни вести“, Филипче до сега не смееше да има ни профил на Твитер.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше првиот голем политичар кому познатата социјална мрежа му го забрани неговиот профил.
Оттука може и како разбирлива да се сфати реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека едвај чека да му го исклучат налогот и да биде уште еден Трамп во светот. Застанувајќи во одбрана на српските медиуми Вучиќ изјави:
„Па со кого ќе соработуваат? Со магнати, криминалци и крадци? Најнормално е тие да соработуваат со Владата. Ние ги плаќаме повеќето од тие медиуми, како држава. И тие ги плаќаат Гласот на Америка, Би -би -си, а не ги означија како владини медиуми. Ова води кон друго прашање, кој е, всушност, тука вистинскиот цензор. „Така што, едвај чекам да се исклучи мојот налог и да бидам уште еден Трамп во светот“.
Comments are closed for this post.