Отфрлањето на кривичната пријава за оддавање службени тајни на советникот на Оливер Спасовски, Драган Симоновски, од страна на Јавното обвинителство е уште еден пример дека во Република Македонија нема правда и дека не се сите еднакви пред лицето на правдата, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако судот народски кажано го „испра“ од криминал Зоран Заев за едно евро за вицето – скандалот, па потоа ја намали казната на нивниот градоначалник Боро Малборо кој беше фатен во шверц со цигари и еве сега уште еден преседан каде што за оддавање на службена тајна се отфрла кривична пријава на близок советник на Оливер Спасовски, рече Димче Арсовски .

Арсовски прашува: Дали некој во МВР прикрил дел од доказите и намерно ја саботирал и ја кочел истрагата за овој случај? По чија наредба го направил тоа и дали не е санкциониран само затоа што се работи за најблискиот соработник на Оливер Спасовски?

Зошто јавниот обвинител ги игнорира доказите за криминал за кои излезе и Оливер Спасовски уште при отворањето на случајот да каже дека има докази за неговиот близок соработник, дека одавал службени тајни?Кој меша прсти и тера политика по мерка на СДСМ и Спасовски во јавното обвинителство во моментот за овој случај? Одговорност мора да има. Токму овие работи се причината за смена на републичкиот јавен обвинител која што ја бара ВМРО-ДПМНЕ, рече Арсовски.