Шефот намакедонскиот технички тим за преговори со ЕУ, Бојан Маричиќ, кој деновиве престојува во Брисел во рамките на техничкиот скрининг процес со Европската Комисија, за МИА вели дека Европската Комисија и земјите членки треба да бидат свесни дека имплементацијата на важен дел од Преспанскиот договор е поврзан со отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Евентуалното неотворање преговори би можел да го доведе во прашање спроведувањето на спогодбата со Грција.
Како напредува подготвителниот скрининг?
Во тек е веќе осмата сесија на техничката подготовка за преговори, оваа недела се работи на поглавјето еден, заеднички пазар на стоки. Веќе од почеток на годинава имаме поминати три поглавја и до средината на годината ќе треба да поминеме 21 поглавје. И уште седум во втората половина од годината. Во меѓувреме очекуваме да имаме поминато најголем дел и заокружена преговарачка структура што ќе ја дочека подготвено одлуката во јуни, со надеж да биде позитивна и да ги почнеме преговорите со ЕУ и официјално, првата меѓувладина конференција некаде веднаш после летото.
Чувствувате некаква вистинска промена од овие скрининзи во институциите и администрацијата?
Во оваа фаза пред сѐ се работи за презентација од страна на Европската Комисија за основните принципи на кои што почива правото на ЕУ во тоа поглавје. После презентацијата следува сет на прашања од институциите, ние имаме голем број на прашања, по триесет за секое поглавје и добиваме одговор дополнително. После секој скрининг се прават извештаи во кои треба да оцениме сами како држава колку сме блиску до тие принципи. Таква анализа прави и ЕК врз база на што ја прави преговарачката рамка. Врз основа на тие анализи ќе се прави втората фаза на скрининг, односно билатералниот скрининг каде што и земјите членки се вклучуваат, поставуваат прашања, барања и веќе на тој скрининг ќе треба да настапиме со нацрт-преговарачки позиции за тоа што можеме, каде ни треба повеќе време, итн.
Добро, но дали чувствувате промена?
Да. Оваа операција е многу важна за социјализација на службениците, за да ги запознаат колегите од соодветните генерални директорати, за да сфатат дека има една огромна структура и надвор од директоратот за проширување со кој најмногу комуницираат, дека има и други комесари кои се важни и тоа е важно за да се направат институционалните врски, но и за да го обноват своето знаење бидејќи правото на ЕУ се менува постојано и динамично.
Се чека отворање на преговорите во јуни, кои се очекувањата? Дали сте стопроцентно уверени дека ќе добиеме преговори?
Она што за нас е примарно е ние да го направиме нашиот дел, што зависи од нас. Тоа се трите основни патеки по кои што се движи владата и Република Македонија. Патеката на исполнување на Преспанскиот договор, тој дел е завршен во најголема мера, нашиот дел е завршен, следува грчката ратификација и сите фази на имплементација како што се опишани. Втората патека се реформите. Направивме план 18 што се спроведува и дава веќе видливи резултати во клучните области утврдени од Европскиот Совет минатата година, и во борбата против корупцијата, и во правосудството и во тајните служби и јавната администрација, направени се крупни чекори што треба да се реализираат до моментот на одлуката за преговори. Третата патека е заокружување на преговарачките тимови, тоа го комплетираме после секоја скрининг сесија. До крајот на месецот очекуваме да се донесат актите на Влада кои што ќе ја дефинираат преговарачката структура детално правно и ќе ги дефинираат односите меѓу институциите во таа смисла. Нас ни е најважно да бидеме подготвени до јуни, да нема никаков аргумент и никакво образложение зашто некоја држава би имала основа да нѐ блокира. Знаеме дека исходот зависи и од резултатите на европските избори и од расположението на земјите членки, но убедени сме дека направивме доволно за да ги започнеме преговорите.
Меѓутоа во случај да не добиеме преговори во јуни, сигурно образложението нема да бидат европските избори, земјите ќе се повикаат на конкретни аргументи за да блокираат. Во тој случај, прво, дали некој ќе понесе одговорност што не сме почнале преговори, а второ дали има Владата план Б ако нема преговори, што ќе се прави понатаму?
За одговорност е прерано да се зборува бидејќи ние би сакале и работиме на тоа и веруваме дека ќе ги почнеме преговорите. Сите оние кои одлучуваат за почеток на преговори треба да знаат дека има повеќе фактори кои се поврзани и зависат од почетокот на преговорите, вклучувајќи го и Преспанскиот договор. Самата имплементација на Преспанскиот договор, во еден свој дел, во однос на внатрешната примена на новите имиња и терминологија, е врзан со почетокот на преговорите во поглавјата од правото на ЕУ. Мислам дека никој не би сакал да се доведе во ситуација во која поради тоа, поради неносење на одлука за преговори се блокира целосната имплементација на Преспанскиот договор. Затоа се надеваме дека ќе имаат предвид државите членки кои што одлучуваат, и Европската комисија, дека и Преспанскиот договор и реформите се директно поврзани со почетокот на преговорите. Евентуално недонесување на одлуката секако негативно би влијаело врз овие процеси и би го пресекло логичниот след на настаните досега и би го пресекло натамошниот развој на државата. Доколку тоа не се случи секако ќе се направи некаков план заедно со ЕК, но ние сме убедени дека ќе имаме преговори.
Кои делови точно од Преспанскиот се поврзани со преговорите?
Во Договорот од Преспа постојат два вида на транзиција во промената на користење на називите, за меѓународна и за домашна употреба. Во делот на меѓународната употреба е јасно, дека таа започнува веднаш и трае пет години, таа е таа техничка транзиција. Политичката транзиција е врзана за внатрешната употреба на имињата и терминологиите и таа е врзана со временски рок од пет години од почетокот на секое поглавје, од областа на поглавјето. Да речеме за конкуренција, од почетокот на поглавје па пет години понатаму имаме време да си ги усогласиме сите термини во таа област со новото име и новите терминологии, така што часовникот почнува да отчукува пет години тогаш кога ќе се отвори определено поглавје. Затоа е во интерес и на нас и на Грција и на ЕУ да се отвораат поглавјата побрзо за да динамиката на спроведување биде поефикасна.
Не мислите дека целиот процес на амнестија, менување на кривичен законик, што ја кренаа јавноста на нозе, негативно ќе влијае на добивањето преговори и дека ќе биде аргумент за оние држави кои се против?
Законот за амнестија беше донесен на една принципиелна основа што треба да донесе помирување во парламентот и во државата. Притоа, останаа да одговараат за своите постапки организаторите и директните насилници, а сите останати што се нашле тука или учествувале без намера да нанесат насилство или трајно нарушување на уставниот поредок беа опфатени со законот за амнестија. И тој закон е влог во разрешување на една тешка рана на македонската демократија и еден тежок удар на македонското собрание и самиот чин на гласање на две третини и создавање атмосфера на поддршка на европските интеграции и преку Договорот од Преспа и преку реформските закони се доказ дека таквиот пристап дава резултати и во носењето на реформските закони. Во однос на кривичниот законик и другите закони, ние бевме целосно на линија на препораките и од ЕК и консултациите со релевантните институции дома: СЈО, Јавно обвинителство, итн. Така што тие измени беа направени во рамки на консултациите со релевантните фактори и нема да влијаат директно во паѓање на ниту еден случај што е актуелен во борбата против корупција. Сите идни евентуални промени кои би биле, без разлика на кој закон, ќе ги правиме во согласност и консултација со ЕК и затоа не очекуваме тоа да биде аргумент на било кого да ја блокира одлуката за почеток на преговори.
Хан порача дека не е време за предвремени избори, туку за реформи, дали ја примивте таа порака и дали можете да гарантирате дека нема да има предвремени?
Прашањето за предвремените избори го отвори опозицијата, не го отвори владата, така што ние никогаш не сме ни планирале да има предвремени избори.Нашиот фокус се реформите и успешна имплементација на Договорот од Преспа, имплементација на економските политики и реформа во сите клучни области што ќе нѐ доведат до почеток на преговори и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Не верувам дека ќе има предвремени избори бидејќи тоа не е во интерес ниту на државата, ниту на граѓаните. Меѓутоа тоа ќе зависи пред сѐ од динамиката околу претседателските избори и како ќе се постават сите политички актери во однос на бојкотирањето или учеството на претседателските избори.
Имате ли вести од Груевски или Орбан?
Освен оние кои се во јавноста, немаме други вести. Груевски е азилант во Унгарија и бесправно бега од властите да издржи затворска казна. Ние ги предадовме сите документи на Унгарија и се надеваме ќе постапат според правилата и дека ќе го екстрадираат. Доколку не, тоа ќе биде нивна одлука со која што ние не се согласуваме.
Нема билатерален договор за екстрадиција меѓу двете земји, тоа значи дека не можат да го екстрадираат?
Не е дека не можат, постојат јасни правила за екстрадиција и на европско ниво и мислам дека можат, има доволно аргументи за тоа, ги доставивме сите акти кои укажуваат на тоа дека Груевски треба да биде вратен и да не ја избегнува правдата и сметаме дека неоправдано му е доделен азил, но тоа е одлука на Унгарија.
Очекувавме извештај за тоа како избегал до крајот на 2018, сѐ уште немаме информации, до каде е оваа процедура?
Од информациите што јас ги имам е дека сѐ уште работат и МВР и обвинителството на целосно разоткривање на целиот случај, вклучувајќи ги контактите што ги имал и дома и надвор од државата и верувам дека штом ќе имаат комплетен извештај ќе излезат во јавност.
Кога?
Не можам да кажам, треба да ги прашате МВР и обвинителството, бидејќи беше најавено, очекувам дека ќе има кога ќе има доволно информации.
Ќе понесе некој одговорност потоа?
Одговорност може да се бара откако ќе се расветлат сите детали од настанот.
Comments are closed for this post.