ВМРО-ДПМНЕ прашува дали е точна информацијата која се појави во медиумите дека Зоран Милески Кичеец кој во моментов се наоѓа во притвор, бил заштитен сведок во случајот „Империја“ на СЈО.

„Јавно прашуваме дали е ова точно? Дали на човекот кој е осомничен за рекет, од страна на СЈО му бил доделен статус на заштитен сведок? Доколку е така, тоа е потврда на бесрамниот мафијашки пристап на оваа власт која бескрупулозно ги злоупотребува институциите за лично богатење и вршење на политички притисоци и уцени на сите кои мислат поинаку од Зоран Заев“, вели Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ноември лани СЈО отвори  истрага наречена „Империја“, во кој осоменичени се 13-мина меѓу кои и бизнисменот Орце Камчев и поранашениот шеф на УБК, Сашо Мијалков,  заедно со Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Инаку Зоран Милески Кичеец, во јавноста беше познат како човек близок до Сашо Мијалков. Кичевец работел како обезбедување во СДСМ, а по падот на власта на СДСМ во 2006 година Кичеец се зближува со Дејан Митрески – Урко, тогашно обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски и оттаму се воспоставува и контактот со Мијалков и со Камчев.

Во 2013 година, врската меѓу Камчев и Кичеец почнува да се распаѓа, а за тоа сведочи и инцидентот во кафулето „Интермецо“ кога Орце е претепан од Кичеец.