Дали е Лазо, дали е Тито?! Нит е Лазо, нит е Тито, тук е Таче!
Да, актуелниот премиер намесник Димитар Ковачевски се нареди рамо до рамо во редот на лидерите од времето на едноумието и тоа во втората деценија на 21 век!
Актуелната власт на СДСМ и ДУИ, веќе без никакви дилеми, спроти чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонската револуционерна икона Гоце Делчев не врати далеку назад во најмрачното време на тоталитарниот режим на македонскиот комунизам/социјализам со човечки лик, во времето на колешивизмот и титовизмот, удирајќи и непростлива шлаканица на каква, таквата, нефункционална, но сепак демократија во државата.
На двајца новинари на Република и Пресинг ТВ, како и на нашиот репортер владината прес-служба не им ги одобри акредитациите за следење и информирање за настаните од црквата „Св.Спас“ во Скопје! И тоа без никакво образложение!
Според тоа, присуството на новинарите Игор Чавески и Предраг Димитровски, и на фоторепортерот Александар Ивановски на чествувањето, согласно оценката на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не е достојно на ликот и делото на Гоце Делчев!!!
Без никакво образложение од владината прес-служба редакциите на Република и Пресинг ТВ и нивните новинари и репортер станаа непријатели на државата!!! А, на таквите, нели, не им е местото со останатите „пријателски“ на државата медиуми.
Исто како во времето на Лазар Колишевски кога во посета на Република Македонија доаѓал маршалот Јосип Броз Тито. И денес живи сведоци на настаните, како и стотици и стотици редови сеќавања потсетуваат дека пред доаѓањето на Маршалот, три дена претходно во занданите завршувале сите потенцијални и актуелни неистомисленици со единствената комунистичка партија. „Новата“ слобода ќе ја почувствувале откако Тито ќе си заминел од Македонија.
За среќа, Игор Чавски, Предраг Димитровски и Александар Ивановски не завршија зад решетки спроти чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, што апсолутно не значи дека тоа не може некој друг пат да им се случи!
Исто како во култниот филм на Столе Попов, „Тетовирање“. Веќе утре поединечно на тројцата на улица може да им се случи припадник на полицијата да почне да им вика „Признај, пизда ти материна, признај“. А, што да признаат?! Тоа не е ни малку важно.
Важно е дека ние, поединечно, треба да бидеме подготвени и наизуст да ја знаеме репликата:
-Седам јас на една клупа сам, мирен како бубачка. Ми идат двајца цајкани. Друже, добар ден, поздравувајќи со раката. Кажем, добар ден. Како сте, каже друже. Ја кажем добро. Какав је овај куфер? Кажем куфер као куфер, празан. Отвори! Неќу, отворите сам. Ма отвори кад ти кажем, пизда ти материна, отвори. Најебо си ако случајно наѓемо бомба или нешто слично. Отвори, кажем. Отворим, нормално кофер као кофер празан. А, птицо, значи ту смо, ту смо. Са чиме си хтео да га напуниш, ајде признај. Са чиме си хтео да га напуниш, ајде признај. Кажем, шта да признам, шта да признам. Признај пизда ти материна, признај кад ти кажем, признај. И ме тепаа, и ме тепаа. Признај кад ти кажем, пизда ти материна, признај!
Чавески, Димитровски и Ивановски за известување од настаните пред „Св.Спас“ немаше да носат куфери, освен мобилни телефони, евентуално нотес и пенкало, и нормално фотоапарат. Единствено можеа да фотографираат и да постават прашање до државните раководители и тоа ако им беше дозволно. Но, очигледно некој оценил дека и тоа претставувало опасност за државата!!!
А, којзнае, можеби на нашите служби бугарскиот министер за внатрешни работи или претставниците на Државната служба за национална безбедност им предочиле дека нашите медиуми и новинари не се подобни за следење и известување од настанот?! Па тие веќе имаат искуство во составувањето црни листи на неподобни личности од македонска страна, како „противници“ и на апсолутно асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка и на терминот „заедничка историја“. А, богами, да се најде нечие име на тие црни листи е навистина предност, а не хендикеп. Зашто, тоа значи дека си македонист чист како солза, а не неоврховист, необолшевик, неонацист или неофашист, уште помалку дека си човек без кичма, без сопствено размислување, без достоинство и личен дигнитет и интегритет.
Работите станаа многу појасни, откако првиот вицепремиер Артан Груби ни порача дека секој кој е против уставните измени за внесување на т.н. македонски Бугари во Уставот е против Европската унија, а премиерот намесник Димитар Ковачевски не кажа ни збор против таквата поделба на македонското национално ткиво.
Во духот на титовистичките постулати и комунистички доктрини, и Груби и Таче станаа нови Лазо и Тито. Зашто, наметнаа нова поделба, што не се разликува ни милиметар од познатите историски од воениот и поствоениот период. Главното прашање поврзано со настаните на скопското Кале на самиот почеток на 1945 година било дали да се оди на Солун или на Срем, а во 1948-та, по судирот со Информбирото, доминирало она трагичното дали си за Тито или за Сталин. И сите, кои до вчера верувале и се поклонувале на фотографиите и на Тито и на Сталин, погрешниот избор ги однел по занданите на злогласната ОЗНА или УДБ-а.
Очигледно, „демократијата“ на Таче и на Груби не е ништо друго, освен тоталитаризмот на Лазо и на Тито.
Comments are closed for this post.